Furkan Abdula
23 Јуни 2023•Ажурирај: 24 Јуни 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, оствари телефонски разговор со новиот премиер на Бугарија, Николај Денков, пренесува Анадолу.
Според соопштението од Кабинетот на премиерот на Северна Македонија, Ковачевски му го честитал мандатот на бугарскиот премиер Денков и посакал успешна работа на новоизбраната Влада што ја предводи.
Во разговорот е изразено очекување од двете страни, за добра меѓувладина соработка, во интерес на граѓаните и на добрососедските односи.
„Разговарано е за важноста од промоција на позитивната реторика којашто придонесува во меѓусебната доверба, како и од продолжување на динамиката во билатералната агенда и средбите меѓу министрите во владите кои ќе придонесат кон постигнување резултати кои се конкретни и видливи за граѓаните“, се вели во соопштението.
„Заедничка е оценката дека е потребна конструктивност во пристапот и понатамошната соработка, за коешто постои увереност и кај двајцата премиери дека го очекуваат и граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, но и регионот, Европската Унија и меѓународните партнери“, се додава во владиното соопштение.