Besar Ademi
17 Мај 2016•Ажурирај: 18 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Попоски, на конференцијата "конфликтот на Блискиот Исток и Северна Африка: Покачување на транснационалните закани за безбедноста на земјите од Западен Балкан, изјави дека транзитирањето на над милион бегалци низ Македонија на масовен и неорганизиран начин е директен ефект од конфликтите од земјите на Блискиот Исток во нашата земја, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата, организирана од страна на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи во соработка со Европскиот центар за проучување на безбедноста "Џорџ Маршал", Попоски рече дека за да се справат со бранот на бегалци Македонија одлучи да биде дел од заедничкиот европски договор.
„Транзитирањето на над милион бегалци низ Република Македонија како транзитна станица на еден масовен и неорганизиран начин е директен ефект од конфликтите на Блискиот Исток врз нашата држава. Република Македонија имаше пред себе две опции. Првата, да биде обичен набљудувач и да постави табли колку километри се оддалечени западно – европските земји, која претставува лесна и евтина опција или втората, ризична, потешка и поскапа опција, да биде дел од заедничкиот европски одговор. Европа не би била Европа без хумана димензија. Ние се одлучивме за втората, поскапа и потешка опција, заедно со нашите партнери и соседи да бидеме дел од едно европско решение", рече министерот Попоски, додавајќи дека во секоја мака има и можности, а според него тоа е соработката со соседните земји.
„Никогаш не сме имале поголема соработка со грчките власти како сега околу мигрантската криза. Интерес на сите нас е решение во европски рамки. Друга можност е наше докажување колку сме значаен партнер во однос на европската интеграција. Сами неможеме ниту ние да имаме решение за мигрантска криза ниту Европа без нас ќе има подобро решение“, посочи министерот Попоски.
Свои пригодни обраќања на конференцијата имаа и амбасадорите на САД, Џес Бејли и СР Германија, Кристина Алтхаузер и Директорот на ИГНИП, Амбасадор Абдулкадар Мемеди.
Учесниците се осврнаа на теми и прашања во врска со конфликтите на Блискиот Исток и во Северна Африка и на зголемувањето на транснационалните закани за безбедноста на земјите од Западен Балкан, како радикализација на младите, можноста за инфилтрација на припадници на терористички организации низ бегалските рути, како и зголемениот број повратници од кризните региони, што претставува вистински предизвик и растечка закана за националната безбедност на државите.