Husamedin Gina
14 Декември 2020•Ажурирај: 14 Декември 2020
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, истакна дека во првите 100 дена Владата била тука со и за граѓаните целосно посветена на грижа, одговорност и на сигурност, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, денес на онлајн прес-конференција даде отчет за првите 100 дена од новиот мандат, што го доби по предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули оваа година.
Премиерот Заев, истакнувајќи дека и покрај пандемијата организирале фер и слободни избори, рече дека Владата исто така обезбедила развој на државата, европска интеграција и справување со пандемијата.
„Главниот предизвик што ги одбележа првите 100 дена од работата на оваа Влада беше справувањето со светската пандемија Ковид-19. Го реорганизиравме раководењето на државата со единствена цел да ги ставиме сите ресурси во заштита на здравјето на сите наши граѓани“, нагласи Заев.
Во своето обраќање, премиерот Заев рече дека во првите 100 дена Владата била тука со и за граѓаните.
„100 дена по изборот на Владата гордо истакнуваме дека ние во овие 100 дена бевме тука со и за граѓаните, целосно посветени на грижа, на одговорност, на сигурност“, нагласи Заев.
Премиерот Заев, на денешното излагање по повод 100 дена од новиот мандат се осврна и на проектите од областа на енергијата, новите инвестиции, за еколошките проекти за со цел за обезбедување на поздрава животна средина, за онлајн наставата во основното и средното образование, за членството во НАТО и за влезот во Европската Унија.
Според премиерот Заев, во првите 100 дена Владата влегла во интензивен процес на градење на уште по одговорни и уште по отворени институции силно посветени на интересите на граѓаните и на спроведувањето на важни политики во образованието и науката, во социјалната заштита и во сферата на културата.
Истакнувајќи дека граѓаните бараат попис на населението, премиерот Заев рече дека на државата и треба попис и дека тоа ќе се обезбеди и овозможи на пролет.
Меѓу другото осврнувајќи се и на членството во НАТО, премиерот Зоран Заев нагласи:
„Како Македонци и со нашиот македонски јазик ќе бидеме и членка на Европската Унија. Со членството во НАТО нашата безбедност е гарантирана, остварена е стратешка цел, нашиот суверенитет и територијален интегритет се под заштита на најмоќната политичка и воена алијанса во историјата на човечката цивилизација.“
Наведувајќи дека немаат ни најмала вина за европската блокада, премиерот Зоран Заев нагласи:
„Ние застанавме цврство на ставот дека македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори“, рече премиерот додавајќи дека не можат и никогаш нема да се откажат од правото на самоопределување кое е гарантирано со Повелбата на Обединетите нации (ОН).
По повод првите 100 дена на Владата тематски осврти имаа и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.
Груби, во своето обраќање истакнувајќи дека во својство на највисок претставник на албанската заедница во владата даваат целосна поддршка до македонската заедница во заедничките напори за почеток на преговорите за членство во Европската Унија, нагласи:
„Да повторам и уверам дека во ниту еден момент со нашиот сосед не се разговара за јазично-идентитетски прашања и затоа нема воопшто простор за било какво стравување.“
Во своето обраќање, вицепремиерот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, истакна дека борбата против корупцијата и криминалот се единствената насока кон правиот пат за правично општество.
Министерот за европски прашања, Никола Димитров, наведувајќи дека работата ја започнале тешко во услови на пожар кој го зафати Министерството, рече дека ситуацијата со пандемијата за европската агенда и воопшто за дипломатијата е голема пречка но, сепак, преку интензивни секојдневни телефонски разговори како институција продолжуваат со својата мисија.