Furkan Abdula
01 Јуни 2023•Ажурирај: 01 Јуни 2023
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска, придружуван од заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, учествува на вториот Самит на Европската политичка заедница во Кишињев, Молдавија, пренесува Анадолу.
Според владиното соопштение, Ковачевски во Кишињев е пречекан од претседателката на Молдавија, Маја Санду.
Ковачевски посочи дека на вториот Самит на Европската политичка заедница клучните теми ќе бидат поврзани со изнаоѓање начини како Европа да се поврзе подобро, со цел да се обезбеди подобра комуникација меѓу луѓето, подобри телекомуникациски системи, подобра инфраструктура, вклучително и енергетска инфраструктура, како клучни предуслови за политичката интеграција на регионот, особено на земјите од Западен Балкан, како и за забрзување на интеграцијата на земјите како што е Северна Македонија.
Во изјавата за медиумите, премиерот Ковачевски посочи дека во текот на денот ќе оствари средби со повеќе државници присутни на вториот Самит на Европската политичка заедница како средба со премиерката на Данска, премиерот на Молдавија и други.
Во одговор на новинарско прашање пред почетокот на вториот Самит на Европската политичка заедница, Ковачевски посочи дека стратешка цел на државата е полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ до 2030 година и дека скрининг-процесот треба да заврши многу скоро.
Како што истакна, Северна Македонија покажала дека низ дипломатија и тешки одлуки успеа да стане земја членка на НАТО, со отпочнати преговори со ЕУ и како земја претседавач со ОБСЕ, фактор на стабилноста во регионот.
Ковачевски посочи дека Европската политичка заедница не е замена за процесот на интеграција, туку напротив заедница која ќе обезбеди подобра соработка на целиот регион во насока на надминување на предизвиците со кои се среќава Европа, а кои се предизвикани од руската воена агресија врз Украина.