Admir Fazlagic
08 Мај 2017•Ажурирај: 09 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, упати писмо со честитка до Емануел Макрон, по повод неговиот избор за претседател на Франција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во честитката, претседателот Иванов изрази задоволство во името на граѓаните на Република Македонија и од свое лично име, и упати честитки по повод изборот на Макрон за нов претседател на Франција, изразувајќи желби за успешно извршување на оваа функција, како што нагласи, во полза на просперитетот и благосостојбата на францускиот народ.
„Цврсто сум убеден дека Вашата модерна визија и кохезивниот карактер ќе претставуваат гарант за натамошен севкупен прогрес на Француската Република“, се наведува во честитката.
Претседателот Иванов ја нагласува и цврстата определба на Република Македонија за натамошно зајакнување на пријателските односи, продлабочување на политичкиот дијалог со Француската Република и за интензивирање на соработката во сите области од заемен интерес.
„Воедно сакам да ја изразам мојата благодарност за поддршката што Француската Република континуирано ѝ ја дава на мојата земја на патот кон нејзиното целосно интегрирање во европските и евроатлантските структури. Водени од заедничката визија за обединета и просперитетна Европа, сакам да Ве уверам дека Република Македонија ќе го даде својот полн придонес во заедничките стремежи за демократска и развиена Европа, во интерес на просперитетот, стабилноста и безбедноста на регионот на Југоисточна Европа“, се истакнува во честитката на претседателот Иванов.