Abdula Berisha
02 Септември 2020•Ажурирај: 04 Септември 2020
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари проштална средба со амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Скопје, Самуел Жбогар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Собранието на Северна Македонија се истакнува дека Џафери изразил благодарност за досегашната соработка до Делегацијата на ЕУ во Скопје и лично на амбасадорот Жбогар за неговиот придонес.
„Тој го потенцираше значењето на динамичната соработка со институциите на ЕУ, особено Европската комисија и Европскиот парламент како долгогодишни поддржувачи на нашите интеграциски процеси. Претседателот Џафери го поздрави дијалогот Жан Моне како успешна алатка за унапредување на политичкиот дијалог во Собранието и изрази надеж дека Собранието активно ќе ги поддржи преговорите за членство на земјата во Европската Унија", стои во соопштението.
Од другата страна, амбасадорот Жбогар најпрво му го честиташе повторниот избор за претседател на Собранието и ја искажа својата благодарност за соработката во изминатите четири години, посветеноста на претседателот Џафери за спроведување на европската агенда, водењето на политичкиот дијалог со сите парламентарни партии и неговата улога како претседател на сите пратеници во Собранието.
Тој изрази надеж дека во следните недели ќе се утврди преговарачката рамка со цел одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годината.
„Собранието ќе има улога во оваа нова фаза од процесот и затоа е од исклучителна важност сите политички партии активно да учествуваат во однос на ЕУ прашањата. Она што е од посебен интерес и значење во следниот период е донесувањето на Законот за антидискриминација, изборот на членови во Советот за граѓански надзор и обезбедувањето на услови за негово соодветно функционирање“, истакна Жбогар.