Dzihat Aliju
18 Мај 2026•Ажурирај: 18 Мај 2026
Претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар, рече дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија (ЕУ), по средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, јавува Анадолу.
На заедничката прес-конференција, Пирц Мусар и Сиљановска-Давкова оценија дека билатералните односи меѓу двете земји се одлични.
„Иднината на Северна Македонија е во Европската Унија. Ги поздравуваме досегашните реформски напори на државата и нивното усогласување со безбедносната политика. Словенија останува цврст и искрен поддржувач на проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан“, рече Пирц Мусар.
Таа истакна дека денешните разговори потврдиле оти меѓу двете држави постои високо ниво на доверба и заедничка заложба за понатамошно продлабочување на одличните билатерални односи.
„Вкупната трговска размена во 2025 година достигна 442 милиони евра, што го потврдува позитивниот тренд за натамошен пораст. Големи можности гледаме, пред сè, во земјоделството, обновливите извори на енергија, дигитализацијата, еко и бањскиот туризам“, рече Пирц Мусар.
- „Словенија е и инспиративен пример за тоа како успешно гради функционално и интегрирано европско општество“ -
Сиљановска-Давкова, пак, рече дека посетата на Словенија се реализира кога двете држави одбележуваат 35 години независност.
„Неспорно е дека Словенија е наша пријателска држава, но Словенија е и инспиративен пример за тоа како мала држава со стабилни институции, со владеење на правото и демократска партиципативна политичка култура успешно гради функционално и интегрирано европско општество“, рече македонската претседателка.
Таа изјави дека директната авионска линија Скопје - Љубљана дополнително ќе придонесе за зголемување на близината.
Во рамки на посетата, Сиљановска-Давкова ќе оствари средба и со претседателот на Државниот збор на Република Словенија, Зоран Стевановиќ.