Abdula Berisha
18 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, беше домаќин на сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Австрија, Михаил Линхарт, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничката прес-конференција министерот Османи рече дека во фокус на разговорите била европската интеграција на земјата, истакнувајќи дека Австрија е еден од најсилните поддржувачи на овој процес со ставот „Европа не е целосна додека Западен Балкан не е дел од ЕУ“.
„Се наоѓаме во еден исклучително важен период за европските интеграции на државата и на целиот регион. Му реков на министерот дека во Република Северна Македонија и во нашето досие лежи клучот за деблокирање на целиот регион, бидејќи по редот на нештата, оттука треба да почне деблокирањето на регионот, преку започнување на преговори со Северна Македонија и Албанија, што потоа ќе ги охрабри и другите држави да ги завршат, да ги решат споровите", рече Османи.

Австрискиот министер Линхарт истакна дека откако ја презел функцијата, неговата прва посета надвор од земјата е токму во Западен Балкан, и го нагласи значењето што неговата земја му го придава на регионот.
„Ние се залагаме и ќе продолжиме да се залагаме за тоа уште во декември да почнат преговорите, тоа е нашето барање, тоа барање го поставуваме пред нашите партнери во Европската Унија, и тоа интензивно“, рече Линхарт.
Тој исто така нагласи дека претстојниот декемвриски Самит на Европската Унија претставува прозорец на можноста за сите, како за Северна Македонија и Албанија, така и за ЕУ.
Во рамки на официјалната посета во Северна Македонија, покрај средбата со Османи, Линхарт ќе се сретне и со државниот врв, вклучувајќи го и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев.
Освен политичката делегација, Линхарт е придружен и од страна на економска делегација, при што, исто така ќе оствари средби и со економските ресори на Владата, а планирано е и одржување на бизнис-форум, со цел унапредување на трговската размена и искористување на инвестициските можности.