Husamedin Gina
07 Септември 2022•Ажурирај: 08 Септември 2022
СКОПЈЕ (АА) – Претседателката на Словачката Република, Зузана Чапутова, истакна дека ги поздравува сите чекори што Северна Македонија ги прави за приближување кон Европската Унија, порачувајќи дека Словачка ќе продолжи со континуираната поддршка, јавува Агенција Анадолија (АА).
Чапутова, која престојува во дводневна официјална посета на Северна Македонија, беше пречекана со свечена церемонија од страна на претседателот Стево Пендаровски.
По тет-а-тет средбата и пленарниот состанок на делегациите, претседателот Пендаровски и претседателката Чапутова одржаа заедничка прес-конференција.
Истакнувајќи дека Словачка и Северна Македонија имаат одлични билатерални односи, Чапутова рече дека двете земји имаат заедничка историја и дека моменталните одлични билатерални односи се добра база за продлабочување на соработката меѓу двете земји.
Чапутова, потсетувајќи дека Словачка го помина процесот на зачленување во Европската Унија, рече дека ќе продолжат со континуираната поддршка на Северна Македонија во нејзиниот пат да стане членка на ЕУ.
„Би сакала да ги поздравам сите чекори што вашата земја ги презема за приближување кон ЕУ. Словачката Република постојано ги поддржува вашите напори за пристапување и сме подготвени да ги споделиме сите наши искуства во тој дел. И да разговараме за следните чекори бидејќи Словачка веќе го мина тој пат. Подобрувањето во јавните институции и услугите за граѓаните е нешто што секогаш е важно и треба да се унапредува“, нагласи претседателката на Словачката Република.
На заедничката прес-конференција со Пендаровски, Чапутова истакна дека во овој момент енергетската криза е најголемиот проблем за што треба да се најдат најдобрите и најефикасните решенија за негово надминување.
Таа, исто така, напомена дека Словачка нема да отстапи од амбициите за „зелена транзиција“.
Претседателот Пендаровски подвлече дека оваа посета го потврдува позитивниот тренд во развојот на билатералните односи со Словачка, дотолку повеќе што се реализира кога нашиот пристапен процес кон ЕУ е веќе започнат.
„Нам ни се добредојдени словачките искуства од процесот на пристапување кон Унијата, кои сигурно ќе ни бидат од голема помош во тој процес. Во оваа пригода сакам да се заблагодарам за постојаната и исклучително гласната словачка поддршка за македонските евроинтеграции токму кога беше најтешко“, нагласи Пендаровски.
Наведувајќи дека со Чапутова размениле мислења и за зајакнување на регионалната соработка, Пендаровски додаде дека разговарале и за безбедноста на континентот, за војната во Украина и последиците од кризата.