Abdula Berısha
26 Декември 2019•Ажурирај: 27 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Лидерите на политичките партии во Република Северна Македонија во текот на состанокот свикан во октомври од претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, се согласија предвремените парламентарни избори да се одржат на 12 април 2020 година, а според законите, 100 дена пред датумот на изборите треба да се формира техничка влада, јавува Агенција Анадолија (AA).
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, на денешната неформална средба со новинарите рече дека Владата и опозицијата постигнале договор за усвојување на предлог-законите, за што премиерот Зоран Заев претходно рече дека можат да предизвикаат одложување на изборите.
Џафери објасни дека станува збор за предлог-закони кои имаат примена од 1 јануари 2020 година, за кои Заев рече дека се важни за граѓаните на земјата, бидејќи со нив, меѓу другото, се овозможува и зголемување на платите и пензиите.
Зборувајќи за постапката за формирање техничка влада, Џафери рече дека премиерот Заев сè уште нема поднесено оставка и дека не се поднесени предлозите за пополнување на техничкиот владин кабинет, како што се бара со Законот за влада, потенцирајќи дека тоа може да се случи до 3 јануари 2020 година, датум кој се совпаѓа со 100-дневниот рок предвиден со закон.
Според Законот за влада, најмалку 100 дена пред изборите, премиерот мора да поднесе оставка и на чело на техничката влада треба да биде номиниран кандидат од власта, а техничката влада има за задача да ги спроведе изборите.
Според законот, со Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика треба да раководи опозицијата, додека заменици-министрите ќе бидат од власта. Опозицијата ќе има и заменици-министри во Министерството за финансии, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и во Министерството за информатичко општество и администрација.
Џафери говореше и за процесот за членство на земјата во НАТО, при што рече дека Собранието на Северна Македонија не може да го ратификува членството без да се ратификува Протоколот за членство во Шпанија. Тој потсети дека станува збор за техничко прашање, но додаде дека не е сигурно дали ќе се формира влада во Шпанија или дали ќе има нови избори таму.
Во меѓувреме, премиерот Заев денеска одговори и на прашањата на пратениците на Собранието на Северна Македонија. Никола Мицевски, пратеник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го праша премиерот дали ќе го прифати таканаречениот „Шпицен кандидат“, според кој лидерите на политичките партии не би се кандидирале за пратеници.
Заев одговори дека ќе го прифати предлогот доколку опозицијата прифати да има само една изборна единица во Северна Македонија. Според актуелниот модел, 120-те пратеници во Собранието на Северна Македонија се избираат од 6 изборни единици со по 20 пратеници.
Потсетуваме дека утре, владејачката партија Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) ќе одржи состанок на Централниот совет на кој ќе разговара за евентуалната оставка на премиерот Зоран Заев, за новиот премиер и за составот на техничката влада.
Исто така, в сабота е најавена и средба меѓу лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.