Adam Abu-bashal
18 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
АБУЏА
Организацијата „Амнести интернешнл“ (Amnesty International) објави дека 11.200 жени се силувани за 17 месеци во Нигерија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот со наслов „Нигерија: Тажно патување, пристап до правдата за жените и девојките кои преживеале силување“, подготвен од „Амнести интернешнл“, се наведува дека насилството врз жените и девојчињата продолжува да се зголемува.
Во овој извештај се наведува дека 11.200 жени биле жртви на силување низ Нигерија во периодот меѓу март 2020 и август 2021 година.
Осаи Оџиго, директорката на „Амнести интернешнл“ во Нигерија, изјави дека овој проблем и понатаму постои, и покрај тоа што нигериската Влада прогласила вонредна состојба поради сексуално и родово засновано насилство.
Таа истакна дека поголемиот дел од случаите на силување се забележани во регионите Борно, Адамава и Јобе, каде што е активна терористичката организација Боко Харам.
Таа, исто така додаде дека не се преземени конкретни чекори за решавање на проблемот со силувањето во Нигерија.
Како што истакна, стравот од стигматизацијата резултирал со „опасна практика на молк“, која спречува преживеаните жртви од силување да бараат правда.
Повеќе од 20.000 луѓе починаа од 2009 година во масовното насилство на терористичката организација Боко Харам, која се појави во Нигерија на почетокот на 2000-тите години. Поради терористичките напади и судири, Нигерија ја напуштија стотици илјади луѓе.