Tufan Aktaş
10 Ноември 2021•Ажурирај: 10 Ноември 2021
ИСТАНБУЛ
„Амнести интернешнл“ (Amnesty International) соопшти дека членовите на Народниот ослободителен фронт Тиграј (ТПЛФ) сексуално нападнале голем број жени откако зазеле град во регионот Амхара во Етиопија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Шеснаесет жени кои дале искази за „Амнести интернешнл“, истакнале дека членовите на ТПЛФ, кои го зазедоа градот Нифас Мевча во регионот Амхара во август, ги силувале.
Четиринаесет од жените во своите искази навеле дека нападот бил групно силување.
Властите во градот, пак, истакнаа дека во истиот период кај нив биле пријавени повеќе од 70 случаи на силување.
Локалните жители, исто така, наведоа дека ТПЛФ ограбил и демолирал здравствени установи.
Агнес Каламард, генерална секретарка на „Амнести интернешнл“, рече дека обвинувањата се воени злосторства и може да се сметаат за злосторства против човештвото.
Портпаролот на ТПЛФ, Гетачу Реда, го негира обвинението, тврдејќи дека извештајот е пристрасен.
Во Етиопија, претходно федералните и еритрејските сили беа обвинети за сексуален напад на жени во Тиграј.
Етиопската Влада прогласи вонредна состојба во земјата на 2 ноември поради нападите на бунтовниците на ТПЛФ кои продолжија со нивното напредување на север.
Формирани се одбранбени единици против можни напади на ТПЛФ врз главниот град Адис Абеба.
Во 11-месечниот конфликт на северот на земјата раселени се околу 2,5 милиони луѓе, а повеќе од 5 милиони луѓе во регионот имаат потреба од итна помош.