АДИС АБЕБА (АА) – Заменик-претседателот на Турската фондација Маариф (ТМВ), амбасадорот д-р Хасан Јавуз истакнува дека африканските држави ја гледаат терористичката организација ФЕТО како закана за внатрешната безбедност, и оти голем број држави преземаат акција против оваа структура, јавува Anadolu Agency (AA).
Членот на Управниот одбор на фондацијата, одговорен за работите во Африка, и поранешен амбасадор на Турција во Џибути, Јавуз, за АА даде изјава во врска со активностите на фондацијата на африканскиот континент.
Јавуз рече дека нивна цел не е само преземање на училиштата на ФЕТО во странство, туку покрај тоа, отворање на нови училишта во различни држави, како и образовни и културни центри, и додаде дека африканскиот континент е еден од најважните простори за ваквите активности.
Тој додаде дека ФЕТО се штити организирано, особено во Африка, каде што интензивирано ги шири своите активности.
Јавуз информира дека како ТМВ, досега потпишале договор за преземање на повеќе институции поврзани со ФЕТО, во повеќе држави, и оти во државите како Гвинеја, Нигер и Сомалија започнале со образовни обуки во рамките на ТМВ.
- „Започнаа иницијативите за ставање на листата на терористички организации“
Јавуз потсети дека државите како Ангола, Гамбија и Мароко ги затворија училиштата бидејќи ФЕТО го гледаат како закана за внатрешната безбедност: „Африканските држави на оваа структура гледаат како на закана за внатрешната безбедност. Голем број држави преземаат акции против оваа структура. Започнавме со иницијативата Африканската Унија да ја стави ФЕТО на листата на терористички организации“.
„ФЕТО во овие држави се обидува да врши негативна пропаганда против Турција, и истовремено е во соработка со странските држави и со нивните разузнавачки служби“, додаде Јавуз.
- „Приоритет не се децата на политичарите“
Јавуз истакнува дека не е прекината настава во училиштата што ТМВ ги презема од ФЕТО, и дека е спречено учениците и нивните семејства да бидат жртви на тој процес.
„Со преземените и новоотворените училишта, како и со културни и образовни центри, се обидуваме да водиме мирна дипломатија меѓу Турција и африканските држави. Училиштата Маариф ќе бидат мостови на срцата меѓу Турција и Африка“, рече Јавуз.
Тој одговарајќи на прашање во врска со политиката на стипендиите што ги дава фондацијата, истакна дека политиката на ФЕТО е кога дава стипендии во Африка, да ги избира децата на политичарите и на истакнати личности.
„Приоритетот на ТМВ не се децата на политичарите и личностите што се на клучни позиции, туку да им се помогне на оние што имаат потреба и се надарени, без разлика за чие дете станува збор. Постои ли некој друг критериум за една институција чија основна цел е воспоставување мост меѓу срцата, освен основното правило стипендија да им се додели на оние на кои им е потребна и на оние што покажале успех?“, вели Јавуз.
Тој посочи дека во претстојниот период ќе продолжат да соработуваат со турските институции во странство на секое поле, како што се Претседателството за роднински заедници и Турците во странство (ЈТБ), Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и Институтот „Јунус Емре“ (ЈЕЕ).
- „Ќе се отворат и високообразовни институции“
Јавуз нагласи дека фондацијата има овластување да отвора образовни институции од предшколско до универзитетско образование, без разлика за кој континент станува збор, и додава: „Нашата фондација со секој изминат ден додава нова активност, а во иднина, во сите региони ќе отвори основни, средни и високообразовни институции. Отворањето на ваквите институции ќе биде претчекор за морално, искрено и успешно созревање на индивидуите, а фондацијата се стреми првично индивидуите да ѝ служат на својата држава, односно да бидат придобивка за заедницата“.
Јавуз исто така нагласи дека Турција нема никаква скриена агенда во однос на Африка, Балканот, Средна Азија, или пак некој друг регион, и вели: „Ние сме народ од доверба, кој го симболизира светскиот мир, спокојот и правдата. За жал, ФЕТО успеа да се развие, злоупотребувајќи го имиџот на Турција во споменатите региони. Меѓутоа, подоцна излезе на виделина нивниот скриен план“.
- „Турција е многу значајна за Африка“
Амбасадорот Јавуз изјави дека Турција е многу значајна за народите во Африка: „Сакам да споделам еден момент. Премиерот на Сао Томе, каде што 99 проценти од населението се христијани, е муслиман кој дојде на власт на регуларни избори. Тој рече: ’Работејќи со Турција на полето на образованието и културата, сакам со вас да создавам генерации кои ќе ја градат иднината на нашата држава’“.
Јавуз истакна дека како фондација потпишале договор за отворање училиште и културен центар во Сао Томе, земја што не го дозволува структурирањето на ФЕТО во државата.
- „Преземањето на училиштата на ФЕТО во Етиопија е важен чекор“
На прашањето за тоа дали преземањето на училиштата на ФЕТО во Етиопија ќе има влијание врз другите држави, Јавуз рече: „Познато е колку Етиопија е важна за африканскиот континент... Точно е дека преземањето на овдешните училишта претставува важен чекор за другите држави од континентот, но не треба да се заборави дека секоја држава овде функционира според своите внатрешни динамики. Поради ова, како што се трудиме за Етиопија, така треба да се трудиме и за другите држави и да се претставиме себеси“.
Јавуз истакна дека во претстојниот период ќе заврши процесот на префрлање на училиштата во Етиопија.
- Училиште Маариф во Џибути
Јавуз, кој е поранешен амбасадор на Турција во Џибути, рече дека училиштето што ќе се отвори ќе биде на простор што бил доделен кога тој бил амбасадор. Договорот за отворање на училиштето на Маариф беше потпишан минатата недела, од страна на турскиот министер за образование, Исмет Јилмаз и неговиот колега од Џибути, Мустафа Мухамед Махмуд.
„Во 2013 година, во Џибути поделивме 40 декари земјиште за образовни и културни објекти во Џибути. Отсекогаш сме сакале да отвориме стручни технички училишта за кои има потреба во Џибути. За истата цел беа поделени 30 декари земјиште за здравство, 10 за верски објекти, 10 за амбасади, а 5.000 декари за економски објекти. Задоволува фактот што сите тие ќе бидат остварени и нашите држави ќе се сретнат за подобра заедничка иднина“, рече Јавуз.
Тој се осврна и на присуството на ФЕТО во Џибути, при што рече дека кога започнал со својата функција во Џибути, тие не биле присутни, но оти подоцна дошле, и откако се обелоденило нивното работење против Турција, биле депортирани од државата.
- Преземени се 18 училишта
Јавуз информираше и за последната ситуација на континентот, а во врска со тоа рече дека моментално во Сомалија, Гвинеја и во Нигер, преземените училишта продолжуваат со својата настава. Тој рече дека се преземени вкупно 18 училишта, 12 згради и 10 студентски домови.
Тој рече дека во Сенегал, Мавританија, Чад, Габон, Буркина Фасо и во Сао Томе се потпишани договори за преземање на училиштата, притоа потсетувајќи дека првата држава во која било преземено училиштето на ФЕТО била Гвинеја и оти фондацијата ја отворила гимназијата „Шехид Омер Халисдемир“.
Фондацијата моментално води преговори со Уганда, Танзанија и во Мозамбик, а во најскоро време ќе посети уште 14 држави од африканскиот континент.