Murat Özgür Güvendik
05 Август 2022•Ажурирај: 08 Август 2022
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - МУРАТ ОЗГУР ЃУВЕНДИК -
Улицата „Вилакази“ во Јоханесбург, Јужноафриканската Република, покрај тоа што била домаќин на Нелсон Мандела и Дезмонд Туту, двајцата добитници на Нобеловата награда за мир, исто така е место сведок на важни настани во поновата историја, пишува Агенција Анадолија (АА).
„Вилакази“ е еден од центрите на востанието Совето, во кое стотици луѓе ги загубија животите како резултат на интервенцијата на белиот расистички режим во протестите на средношколците црнци во летото 1976 година во Јужноафриканската Република.
Исто така, позната е и по тоа што била домаќин на Мандела, првиот демократски претседател на Јужна Африка и јужноафриканскиот надбискуп Дезмонд Туту, една од иконите на борбата против апартхејдот.
Оваа улица е често на врвот на листата на места за посета на туристите кои го посетуваат градот.
- Куќите на Мандела и Туту -
Куќата на Мандела, која тој ја нарекол „центарот на светот за мене“ е позната како „бр. 8.115“. Во таа куќа живеел по излегувањето од затвор. Куќата се користи како музеј од 1997 година и е на листата на национално наследство.

Во оваа куќа музеј, која има мала површина со неколку соби, сместени се личните работи и фотографиите на Мандела.
Светскиот шампионски боксерски појас во тешка категорија којшто легендарниот американски боксер Сугар Реј Леонард му го подари на Мандела беше украден од овој музеј минатиот месец.
Куќата на Туту, која се наоѓа на истата улица, не е отворена за посета на туристи.
Туту, кој ја доби Нобеловата награда за мир во 1984 година за неговата борба како свештеник црнец против Владата на апартхејдот од тој период, почина на 90-годишна возраст минатата година.

Шараук Мотау, кој живее на улицата „Вилакази“, изразувајќи ја својата гордост што живее на улицата на којашто живееле Мандела и Туту, рече: „Ова е единствената улица во светот која е домаќин на двајца добитници на Нобелова награда.“
- Востанието Совето од 1976 година и Хектор Питерсон -
Mотау рече дека улицата го добила името по Бенедикт Валет Вилакази, кој е познат како првиот академик црнец во земјата кој предавал на белци.
Нагласувајќи дека улицата „Вилакази“ била сведок на важни моменти во поновата историја, Мотау рече дека меѓу нив е и востанието Совето од 16 јуни 1976 година, во кое режимот на апартхејдот масакрира стотици црни Јужноафриканци.

Мотау истакна дека во востанието Совето животот го загубил Хектор Питерсон, познат како „застреланото дете“ на познатата фотографија на јужноафриканскиот фотограф Сам Нзима.
„Питерсон имаше само 13 години и беше најмладиот што беше убиен таму тој ден. Но, тој не беше првиот што беше застрелан“, нагласи Мотау.
Потсетувајќи дека околу оваа улица се наоѓа и музејот „Хектор Питерсон“, Мотау истакна дека во овој музеј посетителите можат да видат голем број документи и фотографии од настанот.
- Вработувања за локалната заедница на црнци -
Специјално дизајнираните продавници за облека и накит лоцирани на улицата, во последните години, со влијанието на социјалните мрежи ја зголемија својата популарност. Посетителите можат да купуваат производи украсени со оригинални африкански мотиви. Рестораните во околината, пак, нудат различни вкусови од локалната кујна.
Младата претприемачка Зините Нјозела, една од вработените во „Мбобо“, локална продавница за дизајнерска облека лоцирана на улицата, нагласи дека меѓународната популарност на улицата „Вилакази“ дава значаен придонес во развојот на локалната економија.
„Ова место создава вработувања особено за околната заедница црнци. Овде, исто така, и локалните уметници имаат можност да го покажат својот талент“, додаде Нјозела.