Beyza Binnur Dönmez
29 Јули 2025•Ажурирај: 30 Јули 2025
ЖЕНЕВА (АА) – Глобалниот систем за следење на гладот, Интегрирана класификација на фазите на безбедност на храната (ИПЦ), предупреди дека „најлошото сценарио на глад“ моментално се одвива во Газа, поради интензивираниот конфликт, раселувањето и драматичното намалување на пристапот до храна, јавува Анадолу.
„Постојат сè повеќе докази дека широко распространетото изгладнување, неисхранетоста и болестите доведуваат до пораст на смртните случаи поврзани со глад“, стои во најновиот извештај на ИПЦ.
„Најновите податоци покажуваат дека се достигнати праговите на глад за потрошувачка на храна во поголемиот дел од Појасот Газа и за акутна неисхранетост во градот Газа.“
Во извештајот се нагласува дека неисхранетоста брзо се зголемувала во првата половина на јули. Над 20.000 деца биле примени на лекување за акутна неисхранетост од април до средината на јули, од кои повеќе од 3.000 се со тешка форма на неисхранетост.
Болниците пријавиле нагло зголемување на смртните случаи кај деца под 5 години поради глад, со најмалку 16 смртни случаи од 17 јули досега.
„Мора веднаш да се преземат мерки за прекин на непријателствата и да се овозможи неограничен, широк, хуманитарен одговор за спасување животи“, повикува ИПС.
„Тоа е единствениот пат за спречување на дополнителните смртни случаи и катастрофалното човечко страдање“, се додава во извештајот.
Според извештајот, пристапот до храна во Газа „е алармантно непредвидлив и екстремно опасен“, при што од 27 мај над 1.000 луѓе се убиени обидувајќи се да дојдат до храна.
- Израел спроведува целосна блока на Појасот Газа
Израел применува блокада на Газа веќе 18 години, а од 2 март ги затвори сите премини, со што се влошија хуманитарните услови во енклавата.
Според Министерството за здравство на Газа, најмалку 147 лица починале од глад од октомври 2023 година, меѓу кои 88 деца.
И покрај меѓународните повици за прекин на огнот, израелската Армија води интензивна офанзива во Газа од 7 октомври 2023 година, при што се убиени над 60.000 Палестинци, најголем дел од нив жени и деца.