Ayhan Şimşek
16 Септември 2025•Ажурирај: 17 Септември 2025
БЕРЛИН (АА) – Германија денес остро ја критикуваше израелската воена офанзива за заземање на градот Газа и предупреди дека секој план за анексија на палестински територии би претставувал прекршување на меѓународното право, јавува Анадолу.
Министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадепфул, на прес-конференцијата во Берлин изрази „длабока загриженост“ поради најновите случувања и истакна дека Владата во Берлин силно се спротивставува на израелската одлука за голема копнена офанзива насочена кон градот Газа.
„Обновената офанзива кон градот Газа е сосема погрешен пат. Ние го отфрламе тоа и јасно ѝ го ставивме до знаење на израелската Влада“, изјави Вадепфул, кој повторно повика Израел и регионалните актери да започнат преговори за прекин на огнот и постигнување договор за ослободување на заложниците.
Високиот германски дипломат нагласи дека Берлин ќе ја преиспитува ситуацијата во рамките на натамошните случувања во Појасот Газа, како и во однос на можните напори за анексија на Западниот Брег.
„Нашата позиција за двата случаја е многу јасна. Анексиите се спротивни на меѓународното право и би барале политички одговор од наша страна“, рече тој.
Запрашан за извештајот на независната истражна комисија на ОН, во кој денес е заклучено дека израелските власти извршиле геноцид во Газа, Вадепфул беше воздржан, нагласувајќи дека Германија ќе ја почека одлуката на Меѓународниот суд на правдата (МСЈ).
„Прашањата опфатени во извештајот веќе се предмет на постапки пред меѓународните судови. Затоа, како претставник на извршната власт, велам дека на судот му припаѓа одлуката по овие обвинувања“, рече тој, но додаде дека инцидентите опишани во извештајот се „екстремно загрижувачки“.
„Во вооружени конфликти сите страни се обврзани да го почитуваат меѓународното хуманитарно право. За да се стави крај на страдањето во Газа, клучно е – и тоа повеќепати сме го нагласиле – да се постигне прекин на огнот, населението да добие соодветна хуманитарна помош и заложниците да бидат ослободени“, додаде германскиот министер.