Fuat Kabakçı
15 Мај 2017•Ажурирај: 16 Мај 2017
ПЕКИНГ (АА) - Претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, изјави дека Форумот за соработка „Еден појас, еден пат” претставува отворена платформа за оние кои сакале да се вклучат, јавува Anadolu Agency (AA).
Денес заврши Форумот „Еден појас, еден пат”, чиј домаќин беше Кина, а на него учество зедоа и лидери од 29 земји, меѓу кои и претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и претседателот на Русија, Владимир Путин.
Претседателот Си на затворањето на Форумот одржа прес-конференција, на којашто информираше дека вториот Форум ќе биде организиран во 2019 година и додаде дека смета оти од овој форум е испратена позитивна порака. Тој истакна дека на форумот учествувале 1.500 претставници од 130 земји и 70 меѓународни организации.
На Форумот којшто мина во позитивна атмосфера, претседателот Си истакна дека се постигнати 270 конкретни резултати на полето на политиката, економијата, инфраструктурата, трговијата и финансиите, и потпишани се 68 договори меѓу Кина и останатите земји, како и преставниците на меѓународните организации. „'Еден појас, еден пат' се темели на принципот 'вин-вин' и за учесниците, и за оние кои даваат свој придонес кон тоа, и за оние кои сакаат рамноправно да имаат корист, претставува отворена и сеопфатна платформа”.
Кинескиот претседател Си, на отворањето на Форумот одржа говор во кој наведе дека Кина овој проект ќе го поддржи со финансиска помош од 79 милијарди долари. На отворањето на Форумот, свое обраќање имаа претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, претседателот на Русија, Владимир Путин, и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. На овој дводневен форум учествуваа повеќе од 4.500 претставници на медиумите.