Şeyma Erkul Dayanç
05 Октомври 2026•Ажурирано: 05 Октомври 2026
Естонија ги преместува своите воени единици поблиску до границата со Русија и ги проширува капацитетите за напади со долг дострел како дел од новата стратегија за „активна одбрана“, објави денес „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на естонскиот јавен сервис ЕРР, пренесува Анадолу.
Првата бригада на Естонските одбранбени сили трајно се преместува од Тапа во Јихви, место оддалечено околу 50 километри од руската граница.
Во Јихви се градат нови капацитети за сместување на бригадата.
Исто така, Естонија гради воена база во Нарва, град во близина на руската граница, со капацитет за сместување до 1.000 припадници во случај на криза.
Естонски воени и разузнавачки претставници за весникот изјавија дека не очекуваат Русија да започне војна од големи размери со НАТО во следните две години, но се подготвуваат за можен иден конфликт и изразуваат загриженост поради потенцијална операција од помал обем против Естонија.
Естонија потпиша договори за набавка на девет американски ракетни системи со повеќекратни лансери ХИМАРС, вклучително и ракети со дострел до 300 километри, а набавува и девет јужнокорејски системи „Чунму“ со сличен дострел, се наведува во веста.
Се очекува годинава трошоците за одбрана на Естонија да пораснат за 42 отсто, достигнувајќи 2,4 милијарди евра, односно 5,4 отсто од бруто-домашниот производ.