Ekipa
20 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија не може да понуди „маслиново гранче“ додека Русија продолжува да трупа војници покрај украинската граница, изјави денес претседателот на Европскиот совет, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не можеме вечно да нудиме маслиново гранче додека Русија спроведува ракетни тестирања и продолжува да трупа војници“, рече Шарл Мишел во обраќањето на Минхенската безбедносна конференција.
Тој рече дека дејствијата на Москва прикажуваат еден парадокс, даваат знаци дека бараат дијалог со западните сојузници, додека продолжуваат со военото трупање.
Мишел, кој претседава со состанокот на шефовите на држави и влади на ЕУ, истакна, „нашето единство е зацементирано, и во ЕУ и преку Атлантикот“, соочени со руската закана.
Мишел рече дека рускиот обид „да ја ослабе западната и европската поддршка за Украина е погрешна пресметка“.
Истакна дека ЕУ одобрила пакет макрофинансиска помош од 1,2 милијарди евра за Киев. Тој, исто така, неодамна предложи меѓународна донаторска конференција за поддршка на Украина.
Тензиите драстично се зголемија во источна Украина оваа недела, со јавувања за зголемен број прекршувања на примирјето, повеќе инциденти со гранатирање и евакуација на цивилите од проруските сепаратистички региони Доњецк и Лугањск.
Западните земји ја обвинија Русија дека има распоредено над 100.000 војници во близина на границата со Украина, предизвикувајќи стравувања дека би можела да планира воена офанзива против својот поранешен советски сосед.
Москва постојано негира каков било план за инвазија на Украина и наместо тоа ги обвини западните земји дека ја поткопуваат безбедноста на Русија преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.