Serdar Dincel
27 Април 2026•Ажурирај: 27 Април 2026
Израелската армија рано утринава го нападна влезот во јужниот либански град Кафра и го прекина патот што води до градот и покрај договорот за прекин на огнот, објави либанската државна Национална новинска агенција (ННА), пренесува Анадолу.
Од своја страна, израелската армија соопшти дека во северниот дел на Израел, вклучително и во областа Араб ал-Арамше, се огласиле сирените за воздушен напад поради, како што наведоа, „инфилтрација на непријателско летало“.
Вчера беа убиени најмалку 14 лица, меѓу кои и две деца, а 37 беа повредени во серија израелски воздушни напади насочени кон повеќе области во Јужен Либан, што претставува ескалација откако стапи на сила прекинот на огнот.
Бројките ги соопштија либанското Министерство за здравство и ННА, која исто така пренесе дека израелската армија уривала куќи и инфраструктура меѓу градовите Јарун и Бинт Џбеил на југот.
Израел врши воздушни напади врз Либан и започна копнена офанзива на југот по прекуграничниот напад на Хезболах на 2 март. Регионот е во состојба на готовност откако САД и Израел започнаа воздушна офанзива врз Иран на 28 февруари.
Првично беше најавен 10-дневен прекин на огнот на 16 април, но постојано беше прекршуван од Израел.
Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави дека Израел и Либан се договориле да го продолжат прекинот на огнот за три недели по втората рунда преговори на високо ниво во Белата куќа.