Tarek Chouiref
27 Април 2026•Ажурирај: 27 Април 2026
Либански Хезболах рано утрово соопшти дека извршил напад со противтенковски ракети врз воени сили и возила во Тал ал-Нахас, на периферијата на селото Кафр Кила во Јужен Либан, пренесува Анадолу.
Во официјалното соопштение на либанското движење Хезболах се наведува дека нападот бил насочен кон израелските сили позиционирани во непосредна близина на граничната област.
Израелската армија вчера изјави дека еден војник загинал, а шестмина се повредени за време на нападот врз Јужен Либан.
Тројца војници се здобиле со тешки телесни повреди, а двајца се полесно ранети, но не се прецизира кога точно се случиле судирите, велат од израелската армија.
Вчера Хезболах соопшти дека извршил серија напади врз израелските сили во Јужен Либан како одговор на израелското прекршување на договорот за прекин на огнот помеѓу Израел и Либан.
Израел го зголеми притисокот врз Либан со воздушни напади и копнена офанзива на југот, по прекуграничниот напад од Хезболах на 2 март.
Регионот е во состојба на висока подготвеност откако Соединетите Американски Држави и Израел започнаа воздушна офанзива врз Иран на 28 февруари.
Според податоците на либанските власти, од 2 март наваму, во проширените израелски напади врз Либан, загинаа повеќе од 2.500 луѓе, а над еден милион лица се раселени.