ПАРИЗ (АА) - Поранешниот претседател на Тунис и лидер на партијата Движење на волјата на Тунис, Мухамед Монсеф ел Мерзуки, истакна дека треба да започне истрага во врска со смртта во судница на првиот претседател на Египет избран на демократски начин, Мухамед Морси, и рече дека оние што се одговорни за смртта на Морси, треба да одговараат пред правдата за убиство со тортура, јавува Anadolu Agency (AA).
Мерзуки во францускиот главен град, Париз, во разговор за АА говореше за убиството на Мухамед Морси, и за ставот на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, во оваа насока.
Мерзуки, кој по професија е лекар, нагласи дека бил шокиран од смртта на Морси.
„Морси беше изложен на тортура. Како човек којшто неколку месеци лежел затвор, знам дека е голема болка да се биде во затвор. Морси веќе неколку години беше во затвор и беше спречен да се сретне со неговото семејство и адвокат. Дури и во затвор Морси беше со закана за смртна казна. Можете да ја замислете состојбата на еден човек кој се наоѓа во ваква ситуација. За мене тоа е тортура“, рече Мерзуки.
Истакнувајќи дека Морси бил дијабетичар и бил принуден да прима инсулин, Мерзуки додаде дека тој регуларно не добил храна и инсулин.
„Постоеше желба за уништување на телото и психологијата на Морси. Тоа е неприфатливо. Преку Морси, се сруши и демократската надеж на Египет и Арапската пролет. Смртта на Морси многу ме шокираше, бидејќи многу би сакал Морси да можеше да види дека се враќа демократијата (во Египет и арапскиот свет)“, нагласи Мерзуки.
Мерзуки вели дека Морси не починал од природна смрт, туку тој бил пополека убиен.
„Сметам дека постоела желба за убивање на Морси од психолошки и физички аспект, и тоа беше успешно. Морси можеше да издржи 6 години. За мене тоа е убиство“, додаде тој.
Мерзуки подвлече дека Морси го гледа како човек којшто ја претставува демократската победа за Египет.
„Морси и јас доаѓаме од една генерација која е избрана за претседател со желба на народот, и ние не сме поврзани со странците. Смртта на Морси претставува смрт на надежта за појавување на лидери кои на функцијата доаѓаат со волјата на народот, а не со воена интервенција во Египет, и кои ја добиваат поддршката на народот, а не поддршката на странците“, рече Мерзуки.
Тој нагласи дека по државниот удар во 2013 година во Египет, се зголемиле економските проблеми и корупцијата во оваа земја, каде што според него, се ограничуваат слободите, и дека земјата ја загубила својата национална независност.
- „Еден ден ќе се плати цената на тоа“
„Начинот на убивање на претседателот Морси, од страна на режимот на Сиси, ќе предизвика чувства на фрустрација и бес (во арапските земји и Египет). Еден ден ќе се плати цената на тоа. Сетете се што се случи во Алжир и Судан. Треба да ги паметиме овие зборови: 'Во диктаторството сè е во ред до последните 15 минути'. Можно е Сиси да покаже слика дека сè е во ред, но одеднаш може да пропадне сè“, истакна Мерзуки.
- „Честитки за ставот на Ердоган“
Мерзуки истакна дека арапските народи се тажни за смртта на Морси, и дека земјите кои реагираа во врска со смртта на Морси, како Турција, Тунис и Катар, се земји кои ја покажале волјата на национална независност.
„(Во врска со смртта на Морси) Честитки за ставот на претседателот (Реџеп Таип) Ердоган. Ердоган покажа каков треба да биде еден претседател“, рече Мерзуки.
Тој нагласи дека треба да се започне истрага во врска со смртта на Морси, и додаде: „Оние кои се одговорни за смртта на Морси, треба да одговараат пред правдата за убиство со тортура“.
Мерзуки истакна дека арапскиот свет поминал низ една промена, и дека новата млада генерација не ја прифаќа корупцијата, како и ограничувањето на слободите.
Според него, Израел и некои земји од Западот не сакаат да се развиваат арапските земји.
Истакнувајќи дека не е завршена Арапската пролет, Мерзуки рече дека вториот бран се случува во Алжир и Судан, додека третиот бран можно е да се случи во Египет.
Тој нагласи дека ќе продолжат брановите на Арапската пролет сè додека да се изградат нови демократски системи на местото на старите политички системи во арапските земји.
Мерзуки рече дека стабилноста во овие земји ќе се обезбеди преку доаѓање на нови лидери, кои ќе го слушаат својот народ и ја поддржуваат демократијата и националната независност, и додаде дека тој самиот работи во таа насока.
„Мислам дека еден ден ќе експлодира вулканот“, нагласи Мерзуки, додавајќи дека расте притисокот врз народот во Египет.
- „Имаат дрзок став“
Мерзуки потсети дека некои земји и меѓународни организации реагирале по смртта на Морси, и истакна:
„Некои земји од Западот имаат дрзок став. Според нив, демократијата и човековите права не се за другите, туку само за нив. Овие земји ја загубија нивната веродостојност поради нивниот став кон Сиси и Саудиска Арабија, кои во голема мера ги прекршуваат човековите права. Овие земји немаат право да зборуваат за демократија и човекови права. Тие дејствуваат со логиката на продавање оружје и поддржување на диктатори кои им служат на своите интереси, а не со логиката на слобода и човекови права“.
Мерзуки информираше дека со Морси се сретнал на некои самити организирани во Обединетите нации (ОН), како и за време на неговата посета на Египет во 2013 година.
„Морси е личност со отворени мислења. Морси беше покажан како човек којшто сака моќта и власта целосно да ја има во своја рака, но тоа е лага. Исто така, Морси го негираше тоа. (Морси) Беше многу скромен. Затоа чувствував болка за неговата смрт“, нагласи тој.
- „Убиството на Кашоги не треба да остане неказнето“
Мерзуки се осврна и на извештајот на ОН во врска со убиството на саудискиот новинар, Џамал Кашоги, и рече дека пред неколку години во Истанбул се сретнал со Кашоги.
Mерзуки нагласи дека бруталното убиство на Кашоги е една многу опасна ситуација.
„Ова убиство не треба да остане неказнето бидејќи кога убиствата остануваат неказнети, тоа им дава храброст на другите. Честитки за овој став на ОН“, додаде во изјавата за АА, Мухамед Монсеф ел Мерзуки, поранешен претседател на Тунис и лидер на партијата Движење на волјата на Тунис.
news_share_descriptionsubscription_contact


