Hakan Çopur,Gülbin Yıldırım
07 Април 2017•Ажурирај: 08 Април 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп во врска со нападот на воената база на Асадовиот режим со американски проектили, изјави: „Вечерва издадов наредба за напад на воената база од каде што беше извршен нападот со хемиско оружје. Операцијата со проектили во Сирија беше од суштинско значење за САД“, јавува Anadolu Agency (AA).
Трамп се наоѓа во Флорида, каде што ќе се сретне со претседателот на Кина, Си Џинпинг. Тој пред претставниците на медиумите го оцени синоќешниот напад со проектили на воената база на Асадовиот режим.
Во својата изјава, Трамп потсети на нападот со хемиско оружје врз цивилите во Хан Шејхун, во Идлиб, при што истакна: „Сирискиот диктатор Башар ал Асад во вторникот изврши страотен напад со хемиско оружје. Во овој варварски напад, голем број луѓе, дури и бебиња, бавно, брутално и безмилосно беа убиени. Асад им го зеде животот на мажите, жените и на децата кои имаа потреба од помош. Нема сомнеж дека сирискиот режим користел хемиско оружје“.
- „Операцијата со проектили во Сирија беше од суштинско значење за САД“
„Вечерва издадов наредба за напад на воената база од каде што беше извршен нападот со хемиско оружје. Операцијата со проектили во Сирија беше од суштинско значење за САД. Поради претходните неуспешни напади, продолжува бегалската криза и нестабилноста им се заканува на САД и на нивните сојузници. Оваа вечер, ги поканувам сите цивилизирани држави да им се придружат на САД за да се спречи геноцидот во Сирија и секој вид на тероризам“, продолжи Трамп во своето обраќање.
Кратко пред обраќањето на Трамп, Пентагон објави дека кон една од воените бази, која му припаѓа на сирискиот режим, исфрлиле повеќе од 50 проектили „томахавк“.
Едно од официјалните лица во Пентагон даде изјава за новинарите, во која рече: „Лансиравме повеќе од 50 проектили 'томахавк' кон една воена база на сирискиот режим“.
Забележано е дека нападот со проектили е извршен од воен брод на САД стациониран во Средоземното Море. Официјалното лице потврди дека нападот бил извршен во 8 часот и 45 минути, според временската зона на источниот брег на САД.