Nilay Kar
12 Јуни 2018•Ажурирај: 12 Јуни 2018
АНКАРА (АА) - Министерот за одбрана на Република Турција, Нуретин Џаникли, денес во Анкара порача дека турските сили во северен Ирак ќе останат сè додека терористите во целост не бидат истребени, јавува Anadolu Agency (AA).
Џаникли беше денешен гостин на уредничкиот колегиум на АА во Анкара, каде што одговораше на прашањата од новинарите и уредниците на АА од сите делови на светот. Џаникли, исто така, се осврна и на акцијата на турските вооружени сили што последните два дена ја спроведуваат на подрачјето на северен Ирак.
„Нашата цел сега е поинаква, на северот на Ирак остануваме сè додека целосно не го отстраниме тероризмот“, рече Џаникли.
Тој додаде дека акцијата, која подразбира и формирање бази, започна по наредба на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, и дека нејзиното планирање започнало пред речиси една година.
Додаде дека во северен Ирак се формирани, како што ги нарече, базни подрачја.
„Тоа се случи првиот пат. Без овие подрачја во техничка смисла е проблематично изведувањето на еднократни операции на подолг период“, рече Џаникли, и додаде:
„Станува збор за привремена операција, која, поради безбедноста е започната со максимално внимание за да не се нанесе штета на територијалниот интегритет на земјата. Кога велиме ’привремена‘, тоа значи дека таа ќе трае сè додека терористите целосно не се истребат од подрачјето, односно додека не запре опасноста од подрачјето. Значи, ’привремена‘ не значи да се спроведе операцијата и да се вратиме назад.“
Министерот Џаникли додаде дека од почетокот на оваа година во северен Ирак се неутрализирани над 500 терористи.
„Последните операции се поинакви од претходните. Имаме многу сериозни напади врз нашата земја и преминување на терористи. Станува збор за многу непристапен планински терен, кој им овозможува на терористите полесно да се движат“, рече Џаникли.