Burç Eruygur
10 Ноември 2022•Ажурирај: 12 Ноември 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Украинската војска во изминатите 24 часа напредуваше во два различни правци во јужна Украина, соопшти командантот на Вооружените сили на Украина, Валериј Залужњи, во време кога Русија го објави своето повлекување од западниот брег на реката Днепар, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Само во текот на изминатиот ден, во правец Петропавловск-Новорајск, единиците на одбранбените сили напредуваа 7 километри, презедоа контрола над шест населени места и повратија 107 квадратни километри од територијата на Украина“, изјави Залужњи преку Телеграм.
Залужњи додаде дека шест други населени места во правец на Первомаиске-Херсон биле повторно заземени, истакнувајќи дека напредувањето во тој правец е 7 километри, односно дека вкупна површина од 157 квадратни километри е повторно вратена од украинската војска.
Командантот на Украинските вооружени сили рече дека Украинската армија напредувала 36,5 километри и повратила вкупна површина од 1.381 квадратен километар и од 1 октомври ја вратила контролата врз 41 населено место.
„Засега не можеме да ги потврдиме ниту да ги негираме информациите за таканареченото повлекување на руските окупаторски сили од Херсон. Продолжуваме да ја спроведуваме офанзивата согласно со нашиот план“, додаде тој.
Руското Министерство за одбрана објави дека денеска руските трупи започнале да се повлекуваат од украинскиот град Херсон кон источниот брег на реката Днепар.
Рускиот министер за одбрана, Сергеј Шојгу, вчера нареди повлекување на руските трупи од јужниот пристаништен украински град Херсон кон источниот брег на реката Днепар.
Шојгу истакна дека одлуката за повлекување е донесена за да се спасат животите на руските војници.