Dilan Pamuk
30 Март 2021•Ажурирај: 02 Април 2021
АНКАРА (АА) - Предложениот закон на Франција за заштита на вредностите на Републиката ќе ја легализира исламофобијата, изјави парискиот дописник на Агенција Анадолија (АА) на видеосеминарот што го одржа Фондацијата за истражување на миграции.
Како парижанец и новинар, Јусуф Озџан истакна дека законот е насочен кон муслиманите во Франција и дека ќе ги отуѓи со ограничувањето на нивните права и со мешањето во нивните верувања.
Доколку нацрт-законот, кој беше одобрен од Парламентот на 16 февруари, биде прифатен од Сенатот, француската Влада ќе ја забрани наставата од дома за муслиманите, ќе го направи формалното образование задолжително и ќе може да затвора здруженија, училишта и џамии доколку се случи сомнителен инцидент.
Озџан рече дека голем број членови на Парламентот се воздржале од гласање бидејќи сметале дека нацрт-законот е „недоволен“, очекувајќи тој да вклучува поостри интервенции како што е забраната за носење шамии низ целата земја.
Нагласувајќи дека зголемувањето на бројот на муслимани се смета како закана и извор на загриженост од крајно десничарските политичари, тој додаде дека кога присутноста на муслиманот се зголемува во општествениот, културниот и политичкиот живот, шансите тој да се смета за терорист во Франција се зголемиле.
Осман Хан, правен експерт од Франција, рече дека предложениот закон главно се насочува кон муслиманските училишта, чиј број во земјата неодамна се зголемил.
„Законот треба да биде неопходен и пропорционален. Но, направени се утврдувања од административните органи и советодавните одбори во Франција дека овој нацрт-закон не е неопходен или пропорционален“, рече Хан.
Тој додаде дека со нацрт-законот насочен кон зајакнување на принципите на демократијата и Републиката, пратениците имаат намера да ги затворат муслиманските училишта и да го направат формалното образование задолжително за деца од три години и повеќе.
„Француската институција на народниот правобранител наведува дека овој нацрт-закон не ја исполнува целта за зајакнување на почитувањето на принципите на Републиката“, додаде тој.
За нацрт-законот ќе се расправа во Сенатот денес. Се очекува тој да се врати во Националното собрание откако ќе се одржи гласањето.
Нацрт-законот е предложен од претседателот Емануел Макрон минатата година за борба против таканаречениот „исламистички сепаратизам“ и беше критикуван бидејќи е насочен кон муслиманската заедница и воведува ограничувања на речиси секој аспект од нивниот живот.
Предвидува интервенирање во џамиите и здруженијата одговорни за нивна администрација, како и контрола на финансиите на здруженијата и невладините организации на муслиманите.
Предлог-законот, исто така, им забранува на пациентите да избираат лекари врз основа на пол од религиозни или други причини и го прави „секуларистичкото образование“ задолжително за сите јавни службеници.
Фондацијата за миграциски истражувања е организација со седиште во Анкара која спроведува и објавува истражувања главно за миграцијата и дијаспората.