Hakan Çopur
12 Јануари 2017•Ажурирај: 13 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (АА) – Сенаторот на Аризона, републиканецот Џон Меккејн изјави дека на крајот од минатата година предал досие до Федералното биро за истрага (ФБИ), во кое се гледа дека Русија поседува „чувствителни информации“ поврзани со Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
Не стивнуваат расправите во американската јавност во врска со наводите дека Русија поседува чувствителни информации во врска со приватниот живот на новоизбраниот претседател на САД, кој ќе биде инаугуриран на 20. јануари.
Еден од истакнатите членови на Републиканската Партија, Меккејн, во писмено соопштение изјави дека тој на крајот од минатата година предал досие до ФБИ, во кое се гледа дека Москва поседува информации во врска со приватниот живот на Трамп.
Тој понатаму во соопштението вели дека поради тоа што немал можност да ги потврди информациите од досието, го предал на ФБИ, мислејќи дека тоа е најправилно да се стори.
Американските медиуми завчера соопштија дека разузнавачките служби доставиле извештај до Барак Обама и до Доналд Трамп, во кој се тврди дека Русија поседува чувствителни информации во врска со приватниот живот на Трамп.
Одговорните од Централната агенција за разузнавање (ЦИА), ФБИ и од Агенцијата за национална безбедност (НСА), извештајот на Трамп му го предадоа на брифингот одржан на 6 јануари, по што оваа тема е секојдневневно на дневен ред во медиумите.
Во извештајот се вели дека руските разузнавачки служби собирале информации и за републиканскиот кандидат Трамп и за демократката Хилари Клинтон, но оти Русија дозволила да протечат информации кои ќе влијаат негативно само врз камшањата на кандидатот на демократите, Хилари Клинтон.
Американските власти изјавија дека овие информации не се добиени преку разузнавачки канали, туку дека се темелат на истражувањата што ги правела организација чиј политички советник и управител е поранешен висок функционер во британската разузнавачка служба. ЦИА и ФБИ одбија да коментираат на оваа тема, додека пак американските власти се воздржаа од потврдување на веродостојноста на тврдењата во извештајот.
Трамп ги оцени како неосновани информациите поврзани со него. „Лажни вести. Во потполност, тоа е политички лов на вештерки“, изјави тој.