Atila Altuntaş
31 Јули 2025•Ажурирај: 01 Август 2025
СТОКХОЛМ (АА) - Шведска размислува да воведе санкции за министри од крајната десница во израелскиот Кабинет како одговор на продлабочувањето на хуманитарната криза во Газа, изјави денес министерот за меѓународен развој и соработка и надворешна трговија на земјата, Бенџамин Дуса, јавува Анадолу.
Во разговор за Анадолу, шведскиот министер ја критикуваше тековната блокада на хуманитарната помош од страна на Израел во Газа и рече дека Европската Унија (ЕУ) треба да преземе посилни мерки како одговор на кризата.
„Шведската Влада размислува да го зголеми притисокот врз израелската Влада. На пример, би можеле да се преземат чекори како што се воведување санкции за министри од крајната десница во израелскиот Кабинет и преглед на постојните договори за партнерство со Израел“, рече тој.
Дуса ги опиша хуманитарните услови во Газа како „најлоши“ од почетокот на конфликтот и го обвини Израел дека предизвикува широко распространет глад преку своите континуирани воени операции и опсада.
Укажувајќи на напорите на ЕУ за обезбедување помош, Дуса рече дека само неколку земји членки во моментов поддржуваат построги мерки против Израел.
„Можевме да направиме многу повеќе, но во ЕУ сме малкумина. Во ЕУ има околу пет или шест земји што го поддржуваат притисокот што шведската Влада сака да го изврши врз Израел. Сепак, може да убедиме повеќе земји да ја поддржат Шведска за подигнување на свеста“, рече тој.
Последните месеци Шведска ја удвои својата хуманитарна помош за Газа.
„Шведската Влада ја зголеми својата хуманитарна помош за Газа од 40 милиони долари во претходниот период на 80 милиони долари. Во моментов ниедна друга земја од ЕУ не дава поголема помош за Газа од Шведска“, додаде тој.
Во однос на економските прашања, Дуса се осврна и на трговските односи меѓу Шведска и Турција, истакнувајќи ги долгогодишните економски врски меѓу двете земји.
„Постои договор за трговско партнерство меѓу ЕУ и Турција што датира од пред десет години. Многу турски компании тргуваат со земјите од ЕУ, особено со Шведска. Многу шведски компании, исто така, извезуваат во Турција. Некои од најголемите компании во Шведска работат во земјата со години“, рече шведскиот министер.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од 7 октомври 2023 година, во која се убиени над 60.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Во понеделникот израелските групи за човекови права „Б’Тселем“ и „Лекари за човекови права“ го обвинија Израел за геноцид во Газа, наведувајќи го систематското уништување на палестинското општество и на здравствениот систем на територијата.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за своите воени дејства во енклавата.