Ekipa
19 Септември 2019•Ажурирај: 22 Септември 2019
КАБУЛ (АА) - Голем број цивили загинаа во напад на американско беспилотно летало утринава во источниот дел на Авганистан, во близина на планините Тора Бора, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на гувернерот на покраината Нангархар, Атаула Хогјани, потврди дека цел на нападите биле милитантите кои се борат на страна на терористичката организација ДЕАШ.
Тој за АА, без да даде повеќе детали, изјави дека има и цивилни жртви.
Членот на Собранието на покраината, Аџмал Умер, изјави дека најмалку 30 собирачи на пињоли (борови ореви) загинале и дека 40 други биле повредени во нападот.
Од крајот на борбената мисија во 2014 година, само американските сили од сите сили на НАТО стационирани во Авганистан продолжуваат да се вклучуваат во офанзивните операции против бунтовниците и обезбедуваат воздушна поддршка за авганистанските сили.
Покраината Нангархар, која се наоѓа источно од главниот град Кабул, останува една од најнесигурните покраини во Авганистан, при што милитантите контролираат некои делови од земјата близу племенскиот регион на Пакистан.
Неодамна, авганистанските сили поддржани од американските воздушни сили успеаја да вратат одредена територија од бунтовниците, што резултираше со смртоносни судири во различни делови на земјата, во кои беа одземени многу животи.