Aness Suheil Barghoti
19 Септември 2019•Ажурирај: 20 Септември 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска упати повик до Бени Ганц, лидерот на партијата од левиот центар Сино-бели, за формирање коалициска влада, пренесува Anadolu Agency (AA).
Локалните израелски медиуми јавија дека повикот на Нетанјаху доаѓа во услови кога е јасно дека десничарските партии немаат мнозинство за формирање на идната израелска влада.
Вчера тој се сретна со лидерите на религиските десничарски партии Јамина, Шас и Обединет јудаизам на Тората за да преговараат како еден блок.
Нетанјаху призна дека ветил десничарска влада за време на изборите, но: „Резултатите од изборите покажаа дека тоа не е можно. Јавноста не одлучи меѓу двата блока“, рече тој.
Денеска Нетанјаху го повика на средба неговиот ривал Бени Ганц за да разговараат за формирање коалициска влада.
„Бени, ни останува нам да формираме широка влада на единство. Денес, нацијата нѐ очекува, двајцата, да покажеме одговорност и соработка“, истакна Нетанјаху.
Гaнц и неговата партија треба допрва да се огласат во врска со понудата на Нетанјаху.
Израелската изборна комисија се очекува вечерва да ги соопшти конечните резултати од изборите.
Со изброени 90 отсто, се проценува дека израелската Сино-бела партија е победник на парламентарните избори со освоени 32 пратенички места, пред партијата на Нетанјаху, Ликуд, која освои 31 место.
Арапскиот блок освои 13 пратенички места.
Десничарската партија Израел, наш дом, на поранешниот министер за одбрана, Авигдор Либермен, освои 9 места.
Ултра-ортодоксната партија Шас освои 7 места, десничарската Обединет јудеизам на Тората - 9, и десничарската партија Јамина - 8 пратенички места.
Левичарските партија Демократска унија и Лабуристичката-Гешер партија, освоија 6, односно 5 места.
Според Изборната комисија, излезноста на изборите изнесува 63,1 отсто.
Во Израел во четвртокот се одржаа вторите парламентарни избори оваа година, поради неуспехот на Нетанјаху да формира влада по претходните избори. Експертите велат дека е можно да има и трет круг парламентарни избори, доколку кризата за формирање влада продолжи.