Riyaz Khaliq Khaliq
07 Април 2022•Ажурирај: 12 Април 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Авганистан денеска доби хуманитарна помош од 32 милиони долари, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Дваесет и првата пратка меѓународна хуманитарна помош во готовина пристигна денеска во Кабул и беше пренесена во Меѓународната банка на Авганистан“, се вели во соопштението на Централната банка на земјата.
Поздравувајќи ја помошта од меѓународната заедница, банката соопшти дека „обезбедувањето хуманитарна помош преку банкарскиот сектор може да создаде транспарентност и да ја олесни испораката на помош до луѓето“.
„Централната банка се залага за добри односи со сите светски финансиски и банкарски институции и очекува меѓународната заедница да посвети внимание на ова прашање и да соработува во олеснувањето на односите со Авганистан“, се вели во соопштението.
Авганистан разурнат од војна се соочува со хуманитарна криза откако странските сили ја напуштија земјата во август минатата година, а падот на администрацијата во Кабул, поддржана од САД, резултира со враќање на талибанците на власт по 20 години крвава војна.
Додека привремената Влада предводена од талибанците чека признание од меѓународната заедница што ќе ѝ овозможи да привлече странски инвестиции и други финансиски придобивки, ОН водат хуманитарна мисија за поддршка на луѓето на кои им е потребна.