Emel Öz
28 Август 2021•Ажурирај: 29 Август 2021
АНКАРА
Во терористичките напади пред Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул, главниот град на Авганистан, животот го загубија повеќе од 170 лица, пренесува Агенција Анадолија (AА).
Според вестите што ги објавија „Вашингтон пост“ (Washington Post) и „Си-би-ес њуз“ (CBS News), во терористичките напади загинале најмалку 170 луѓе, од кои 13 американски војници.
Официјален претставник на авганистанското Министерство за здравство соопшти дека повеќето од загинатите се Авганистанци.
„Изгубивме повеќе луѓе отколку Американците“, рече неименуваниот водач на талибанците, додавајќи дека во нападот животот го загубиле 28 талибанци.
Талибанскиот водач рече дека САД немаат потреба од продолжување на рокот по 31 август за да ја завршат својата евакуација и да се повлечат.
Претставник на западните безбедносни служби изјави дека евакуацијата на цивилите била забрзана по нападите и дека летовите биле извршувани уредно.
„Би-би-си“ (BBC) објави дека во нападите се повредени повеќе од 150 луѓе.
Белата куќа информираше дека нејзиниот тим за национална безбедност ги предупредил американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис за можноста од понатамошни терористички напади во Кабул.
Две одделни експлозии се случија вчера во областа близу до Меѓународниот аеродром „Хамид Карзаи“ во Кабул, каде што продолжуваат активностите за евакуација.
Голем број земји и талибанците ги осудија нападите.
Американскиот претседател Џо Бајден во врска со нападот рече дека „ќе ги лови извршителите на нападот“ и вети дека ќе се одмазди.
„Нападот го изврши група позната како ДЕАШ-К“, истакна Бајден.
Бајден изјави дека добиле разузнавачки информации дека последните недели ДЕАШ-К ќе го нападне аеродромот во Кабул, поради што тие се решени да ја завршат мисијата во Авганистан до 31 август.
Портпаролот на Американските централни сили (CENTCOM), полковник Бил Урбан, објави дека во терористичките напади на аеродромот загинале 13 американски војници, а 18 се ранети.