Ekipa
15 Март 2021•Ажурирај: 16 Март 2021
АТИНА (АА) - Како дел од воената соработка меѓу Грција и Саудиска Арабија, шест авиони Ф-15 на военото воздухопловство на Саудиска Арабија пристигнаа на грчкиот остров Крит, се соопштува од Генералштабот на грчката национална одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Заедничката вежба меѓу Грција и Саудиска Арабија овој месец од воздупловната база „Соуда“ на Крит има за цел двете страни да извршат тренинг за комплексните воздушни операции, како што се воздушна супериорност, а и заштита и напад врз копнени и морски цели“, се вели во соопштението.
Ова е прва посета на Грција од 115. Баталјон на саудиските Кралски воздушни сили.
„Во вежбата во Источниот Медитеран, Грција и Саудиска Арабија ќе работат за мир и безбедност во регионот“, соопшти на Твитер началникот на грчкиот Генералштаб, генерал Константинос Флорос.
Саудискиот персонал беше пречекан од саудискиот амбасадор во Грција, Саад бин Абдулрахман ал-Амар, и од други официјални лица.
Во соопштението се нагласува особено важното присуство на Саудиските вооружени сили во Соуда, покрај важното присуство на Обединетите Арапски Емирати, Франција, САД и грчки Кипар, и се нагласува важната улога на Крит во зацврстувањето на безбедноста и стабилноста во поширокиот регион на Централниот и Источниот Медитеран, како и на Блискиот Исток.