Recep Şakar
02 Ноември 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
МЕЛБУРН
Австралискиот премиер, Скот Морисон, реагирајќи на изјавите на францускиот претседател, Емануел Макрон, во врска со откажувањето на договорот за подморници меѓу Австралија и Франција, рече дека нема да прифати „понижувања“ и „навреди“ кон неговата земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот Морисон во изјавата дадена во Глазгов, каде што се одржува 26. Конференција на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (КОП26), ги отфрли обвинувањата на Макрон дека „лажел“ за откажувањето на договорот за подморници меѓу двете земји.
Нагласувајќи дека може да се справи со критиките упатени кон него, но дека нема да дозволи неговата земја да биде „понижена“, Морисон рече: „Моите раменици се широки, можам да се справам со ова (обвинувањата). Нема да дозволам Австралија да биде понижена. Нема да дозволам да се доведе во прашање кредибилитетот на Австралија и да биде оцрнета со навреди.“
Морисон, посочувајќи дека Австралија е во процес на поправање на односите со Франција, рече: „Разговаравме неколку пати во последните неколку дена. Сигурен сум дека ќе разговараме уште малку пред да се вратиме во Австралија.“
Макрон одговараше на прашањата на новинарите за кризата за договорот за подморници меѓу Австралија и Франција на Самитот на лидерите на Г20 што се одржа во Рим, главниот град на Италија.
На новинарското прашање „Дали мислите дека Скот Морисон вас ве лажел?“, францускиот претседател одговори дека не само што мисли дека Морисон лаже, туку е сигурен во тоа дека лаже.
Морисон, кој ги негираше наводите дека лаже, изјави дека јасно зборувал за ова прашање за време на вечерата во Елисејската палата во јуни.
-Договорот AUKUS меѓу Австралија, САД и Велика Британија
По потпишувањето на договорот AUKUS меѓу Австралија, САД и Обединетото Кралство на 16 септември, беше соопштено дека е откажан договорот вреден 90 милијарди австралиски долари (66 милијарди американски долари) со француската „Навал груп“ (глобален и главен француски изведувач во одбраната, специјализиран за поморско-базирана одбрана) за изградба на 12 конвенционални дизел-електрични подморници.
Откажувањето на договорот предизвика криза меѓу Франција и Австралија, а Франција како одговор ги повлече своите амбасадори од Канбера и Вашингтон.
Од друга страна, Морисон изјави дека однапред ја известиле Франција за откажувањето на договорот.