Erdoğan Çağatay Zontur
05 Јуни 2019•Ажурирај: 06 Јуни 2019
СИДНЕЈ (АА) - „Полицијата изврши претрес во седиштето на австралиската радиодифузна корпорација „Еј-би-си“ (ABC) во Сиднеј по повод серијата стории објавени во 2017 година, соопштено е денес од националната телевизија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во серијалот „Авганистанско досие“, специјалните трупи на Австралија се обвинети за убивање цивили во Авганистан.
„Приказните на истражувачките новинари на „Еј-би-си“, Дана Оукес и Сем Кларк, открија наводи за незаконско убивање и недолично однесување на австралиските специјални сили во Авганистан, базирани на стотици страници тајни документи доставени до Еј-би-си“, се вели во соопштението на емитерот.
Оттаму истакнаа дека австралиската полиција имала налог за претрес низ имејл-системите во врска со новинарите и нивните пребарувања во „фондот на податоци“ од април 2016 до јули 2017 година.
Полицијата, исто така, трага и по скиците на статиите, графиките, дигиталните записи, сликите, ТВ-снимките и сите верзии на сценарија поврзани со „Авганистанското досие“.
Менаџментот на „Еј-би-си“ изрази загриженост во врска со нарушувањето на слободата на медиумите со денешната полициска рација.
„Ова е сериозен настан и подига легитимна загриженост за слободата на медиумите и јавниот надзор над прашањата од националната безбедност и одбраната. „Еј-би-си“ стои зад своите новинари, ќе ги штити нивните извори и ќе продолжи да известува без страв и наклонетост, кога станува збор за националната безбедност и разузнавачките прашања кога постои јасен јавен интерес“, порача Дејвид Андерсон, генералниот директор на „Еј-би-си“.