Sena Güler
15 Ноември 2019•Ажурирај: 17 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - Агенцијата Анадолија (АА) присуствуваше на дводневната конференција во Сиднеј организирана од страна на „МАЈНДС интернешнл“ (MINDS International), здружение на новински агенции кои соработуваат на полето на развој на дигиталните медиуми бизнис-платформи.
Дваесет и осмата конференција на здружението, кое го сочинуваат 24 истакнати новински агенции од целиот свет, се одржа во рамки на темата „Градење подобри новински агенции“.
„МАЈНДС интернешнл“ организира конференции за своите членки двапати годишно, во некоја од нејзините земји членки.
На средбата, на која беа споделени стратегии за дигиталните медиуми и се разговараше за иднината на меѓународното новинарство, Агенцијата Анадолија беше претставена од заменик-претседателот на Одборот, Мухамед Салих Демиркан, заменик-генералниот директор Мустафа Озкаја и директорот за човечки ресурси и административни работи, Урал Јешил.
На конференцијата, чиј домаќин беше „Аустралиан асошиејтед прес“ (Australian Associated Press AAP), се разговараше за повеќе теми, меѓу кои перспективите на медиумите, долгорочните стратегии, заштитата на авторските права, како и за бизнис-моделите.
Учесниците разменија информации за промените и новите модели на вреднување за новинските агенции и проблемите со коишто се соочува агенциското новинарство, како и за одржувањето на нови разговори за соработка.
„МАЈНДС интернешнл“ е формирана во септември 2007 година, а Агенцијата Анадолија се приклучи во мај 2014 година.