Mehmet Nuri Uçar
28 Ноември 2017•Ажурирај: 29 Ноември 2017
ГАЗА (АА) - Хани еш-Шаир - Меѓународниот аеродром во Газа, основан пред 19 години со залагање на палестинскиот лидер Јасер Арафат, некогаш беше симбол на надежта, а денес рушевина која е потсетник на израелските напади, јавува Anadolu Agency (AA).
Аеродромот кој беше преименуван во Меѓународен аеродром Јасер Арафат, изграден во јужниот дел на Рафа, отворен е во 1998 година, а работеше до израелското бомбардирања пред 17 години.
Вршителот на должноста директор на Палестинската агенција за цивилна авијација, Зухејр Зумлат, изјави дека аеродромот бил сон на лидерот на Палестинската ослободителна организација (PLO) Јасер Арафат.
„Откако во 1994 година е донесена одлуката за основање на Агенцијата за цивилна авијација, во почетокот на 1995 година е основанa и "Palestinian Airlines". Управата во октомври истата година започна со работите на местото каде што беше планирана изградба на аеродромот“, изјави Зумлат.
Тој додаде дека аеродромот, сместен во јужниот дел од Појасот Газа, е направен по примерот на исламската архитектура.
Како што кажа, аеродромот, покрај административната зграда, се состоел и од ВИП салон и четири простории за патници.
Зумлат истакна дека трошоците за аеродромот, кој го оживеа тоа подрачје, изнесувале меѓу 60 и 70 милиони долари.
„Аеродромот имаше околу 800 вработени меѓу кои инженери, пилоти, безбедносен персонал и персонал за работа со патници. Евидентирано е дека во 1998 година го користеле околу 20.000, во 1999 година околу 61.000, а во 2000 година, околу 59.000 патници. Меѓутоа, аеродромот десет дена од Интифадата Ал-Акса израелската армија делумно го затвори, а на 13 февруари 2001 година, и целосно е затворен“, истакна Зумлат.
Тој нагласи дека овој аеродром бил важен за Палестина.
„Освен што имаше важност од политичкиот аспект, аеродромот се сметаше за симбол на суверенитетот. Тој ги поттикна и трговијата, туризмот и формирањето фабрики. Од општествен аспект, на Палестинците им гарантираше заминување до саканата дестинација без пречки, во саканото време“, рече Зумлат.
Тој додаде дека своевремено аеродромот претставувал голема надеж, а денес е симбол на интензивна болка.
На Зумлат му претставува потешкотија да го гледа аеродромот во состојбата во којашто се наоѓа денес и го повика палестинскиот претседател Махмуд Абас да стори нешто со цел ова место да биде вратено во живот.
„Имаме луѓе кои работеле на овој проект. Не ни треба никој од надвор. Подготвени сме да го изградиме со свои раце, со цел да се намали болката на нашиот народ“, рече Зумлат.
Изградбата на аеродромот ја финансираа Јапонија, Египет, Саудиска Арабија, Шпанија и Германија, а на отворањето присуствуваше и поранешниот американски претседател Бил Клинтон.
Израелската армија за време на Втората интифада (Ал-Акса Интифада) во 2000 година го бомбардираше аеродромот.