Abdel Razek Abdallah,Enes Canlı
30 Октомври 2019•Ажурирај: 31 Октомври 2019
АЛЖИР
Алжирскиот началник на Генералштабот, Ахмед Каид Салих, истакна дека претседателските избори во земјата ќе се одржат на 12 декември според закажаното и дека нема да бидат одложени како што побара опозицијата со образложение дека „нема соодветни услови и дека се избрзани“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на алжирската државна телевизија, Салих, за време на посетата на воздушната база, истакна: „Народот и неговата армија, на 12 декември ќе ги постават темелите на новата национална држава и ќе ја предадат на претседателот кој ќе биде избран.“
Истакнувајќи дека Армијата ќе му помогне на народот во изборниот процес, Салих ја повтори фразата „банди“, која претходно ја употребуваше за поранешниот претседател Абдулазиз Бутефлика и неговите сојузници и посочи дека тие што се против изборите се движат во оската на таа „банда“.
Во Алжир се случија радикални промени по социјалното востание кое започна откако Бутефлика беше кандидат за петти мандат, и покрај влошената здравствена состојба.
Масовните протести во Алжир не завршија, и покрај одложувањето на изборите, оставката на Бутефлика и апсењето на лица од бизнисот и политиката блиски до поранешниот претседател.
Под притисок на Армијата, привремената Влада во Алжир соопшти дека претседателските избори ќе се одржат на 12 декември, но опозицијата продолжи да приговара за овој датум.
И покрај сиве овие приговори, неодамна формираната Национална независна изборна администрација соопшти дека се прифатени 22 кандидати за претседателските избори. Конечниот список на кандидати се очекува да биде објавен до 3 ноември.