Nuri Aydın
09 Јули 2020•Ажурирај: 10 Јули 2020
СЕУЛ
Американските експерти тврдат дека властите во Северна Кореја неодамна тајно изградиле нов комплекс во кој произведуваат нуклеарни глави, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“ објави дека експертите од Институтот „Мидлбури“, за меѓународни студии откриле дека новоизградениот комплекс за производство на нуклеарни боеви глави се наоѓа во местото Воло-ри, во близина на Пјонгјанг, главниот град на Северна Кореја.
Експертите тоа го заклучиле со анализа на сателитските снимки изработени од компанијата „Планет лабс“.
Водачот на експертскиот тим, Џефри Луис, изјави дека станува збор за тајно изграден комплекс кој ги има сите безбедносни карактеристики слични на комплексите за изработка на боеви глави, вклучувајќи и подземни засолништа.
Истакнувајќи дека возилата во комлексот влегуваат на неообичаени влезови, Луис рече дека комплетниот транспорт се врши со помош на затворени контејнери.
„Веќе подолг период ги анализираме сателитските снимки и активности на тоа подрачје. Од претходно е познато дека тоа подрачје е дел од нуклеарната програма на Северна Кореја“, рече Луис.
Министерството за одбрана на Јужна Кореја не го коментираше случајот, туку само соопшти дека соработува со американските разузнавачки институции на собирање дополнителни информации.