Ekip
10 Јануари 2022•Ажурирај: 10 Јануари 2022
ЖЕНЕВА
Заменикот државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД) Венди Шерман во недела во Женева, се сретна со заменикот министер за надворешни работи Сегеј Рјабков за да се подготват за состанок на Стратешкиот дијалог за стабилност за безбедносни прашања, јавува Агенција Анадолија (АА).
Американскиот Стејт Департмент соопшти дека на средбата во врска со безбедносната ситуација меѓу двете нуклеарни сили, Шерман била придружувана од генералот-полковник Џејмс Мингус, директор за операции, а Рјабков бил придружуван од министерот за одбрана генералот-полковник Александар Фомин.
Заменикот секретар и заменикот министер за надворешни работи разговараа за билатерални теми на кои двете страни ќе дискутираат на вонредниот состанок на Стратешкиот дијалог за стабилност (ССД) на 10 јануари, се вели во американското соопштение.
Шермен ја истакна посветеноста на САД кон дипломатијата и „меѓународните принципи на суверенитет, територијален интегритет и слобода на суверените нации да изберат свои сојузи“.
„САД ќе дискутираат за одредени билатерални прашања со Русија на ССД но нема да дискутираат за европската безбедност без нашите европските сојузници и партнери“, се вели во соопштението.
Шерман рече дека некои теми ќе се појават само на состанокот на Советот НАТО-Русија во Брисел на 12 јануари и на состанокот на Организацијата за безбедност и кооперација во Европа (ОПСЕ) во Виена следниот ден.
Русија соопшти дека ќе бара цврсти правни гаранции за непроширување на НАТО на исток и за нераспоредување на вооружени системи кои и се закануваат на Русија на границите на земјата.
Минатиот месец, рускиот претседател Владимир Путин го повика НАТО да започне разговори со цел да и обезбеди на Москва сигурни, правно обврзувачки и долгорочни безбедносни гаранции.
САД исто така го објавија транскриптот од настапот на државниот секретар Антони Блинкен на „Оваа недела со Џорџ Стефанопулос“ кој беше емитуван во неделата на Еј-би-си ТВ (ABC) во врска со руското распоредување на војниците на украинската граница, во кое САД понуди две патеки.
„Една е преку дипломатија и дијалог, друга е преку одвраќање и огромни последици за Русија ако ја обнови својата агресија врз Украина“, рече Блинкен.