Meiramgul Kussainova
10 Јануари 2022•Ажурирај: 11 Јануари 2022
НУР СУЛТАН
Во Казахстан е прогласен Ден на жалост поради починатите во случувањата што започнаа по поскапувањето на горивото, а кои прераснаа во судири низ земјата, јавува Агенција Анадолија (АА)
На Денот на жалост, знамињата на сите државни институции и претставништва на земјата во странство се спуштени на половина копје. Нема забавни програми на телевизиските канали и на радиоемисиите.
Казахстанскиот главен муфтија Науризбај Хаџи Таганули кажа молитва за силите на безбедноста и цивилите кои смртно настрадаа во неодамнешните случувања.
Министерството за внатрешни работи на Казахстан соопшти дека во инцидентите починале 26 лица, вклучително и 18 припадници на безбедносните сили.
Протестите во Казахстан започнаа во западниот дел на 2 јануари поради зголемувањето на цената на горивото, а подоцна се проширија во другите подрачја. Потоа претседателот Касим Жомарт Токаев прогласи вонредна состојба во Алматија, најголемиот град во земјата, и во регионот богат со нафта Мангистау, а подоцна ја одобри оставката на Владата.
Токаев порано изјави дека им наредил на безбедносните сили да пукаат без предупредување на луѓето кои ги нарече „терористи“, обвинувајќи ги за продолжување на насилството.