Zuhal Demirci
23 Ноември 2019•Ажурирај: 25 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - ЗУХАЛ ДЕМИРЏИ -
Американскиот историчар Вилијам Холт, чие поле на делување е историјата на миграциите, лингвистиката и културата, ја критикуваше дволичноста на Западот истакнувајќи дека во меѓународната арена не сакаат да говорат за страдањата на муслиманите, туку дека повеќе сакаат да раскажуваат за она што го преживеале христијаните.
Историчарот Холт зборуваше со новинарот на Агенција Анадолија на повеќе теми, при што се осврна и на периодот 1877-1878 година од Турско-руската војна позната и како „Војната од '93“ (според исламскиот календар војната се случила во 1293 година), зборувајќи за масакрите и прогоните што ги раскажувале муслиманите кои биле принудени да се иселуваат.
Во својата последна книга под наслов „The Balkan Reconquista and Turkey's Forgotten Refugee Crisis“ (Прогонот од Балканот и заборавената бегалска криза на Турција), во која како тема ја зема Војната од '93, Холт говори за принудните миграции на Турците и преживеаните потешкотии. Тој вели дека во книгата раскажува за муслиманите и нивните преживеани страдања, одлуките за бегство и потешкотиите со кои се соочиле по доаѓањето во Истанбул.
Холт истакна дека ниту Турција ниту меѓународната сцена не се доволно запознаени со димензиите на доживеаниот прогон од тој период.
„Тоа на Балканот се знае, но не ги признаваат страдањата на муслиманите. Не сакаат да говорат за страдањата на муслиманите. Меѓународната сцена не сака да се осврне на страдањата на Турците, муслиманите. Повеќе сакаат да раскажуваат што доживеале христијаните.“
Холт посочи дека меѓу причините за тоа е и непријателството кон ориентализмот, исламот и Турција од страна на христијанските лоби-групи од Западот, подвлекувајќи дека настаните биле разгледувани само еднострано.
- „Изненадувачка и значајна е приказната за „Аја Софија“ како засолниште за бегалците“ -
Зборувајќи за војната што се случила пред 142 години и причините за принудните миграции на бегалците, кои од Балканот дошле во Истанбул, Холт рече дека бегалците се засолниле во голем број медреси и џамии, како што е „Аја Софија“. Тој се осврна и на сликата од тој период нацртана од страна на еден Унгарец, раскажувајќи ја преку неа приказната за бегалците.
„На оваа слика можете да ги забележите бегалците во внатрешноста на „Аја Софија“. Во 1877 година во „Аја Софија“ 3 до 4 месеци престојуваа 8 до 12 илјади бегалци. Овие бегалци беа многу болни. На сликата можете да забележите деца, стари лица, жени. Тука тие се стоплуваат, подготвуваат храна, тагуваат. Размислуваат за одмазда, разговараат. Можеби ова е една од заборавените приказни за „Аја Софија“. Изненадувачка и важна е приказната дека „Аја Софија“ била засолниште за бегалците“, истакна Холт.
Американскиот историчар се осврна и на настаните од 1915 година, велејќи: „Кога на вакви настани се гледа од Западот, имаме две ситуации, кога угнетени се муслиманите, тогаш станува збор за ‘граѓанска војна’, а доколку угнетени се христијаните, тогаш е извршен ‘геноцид’. Бегалците од Војната во '93 ни помагаат да ги разбереме настаните од 1915 година. Сето тоа не започна од ништо, на тоа му постои одредена атмосфера и минато, а пред сето тоа постојат страдања.“
- Кој е историчарот Вилијам Холт?
Американскиот историчар Холт во 2014 година магистрираше на Универзитетот „Јута“ во САД на отсекот за блискоисточни студии.
Оваа година, во издание на Универзитетот „Јута“, Холт ја објави книгата под наслов „The Balkan Reconquista and Turkey's Forgotten Refugee Crisis“.
Негово поле на истражувања се историјата на миграции, лингвистиката и културата. Покрај турскиот, Холт зборува уште 9 јазици и спроведува истражувања на тие јазици.