Hakan Çopur
29 Март 2021•Ажурирај: 30 Март 2021
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Џо Бајден одговараше на прашањата на медиумите додека се враќаше од Делавер, каде што го мина својот викенд, во главниот град Вашингтон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во врска со најновата состојба во Мјанмар, каде што според извештаите стигнати до него убиени се голем број луѓе, Бајден рече: „Тоа е многу застрашувачко и шокантно. Соопштено ми е дека голем број луѓе се убиени. Целосно непотребна ситуација.“
Меѓу другото, Бајден истакна дека работат на нови санкции против пучистите во Мјанмар.
На прашањето дали е загрижен за зголемената соработка меѓу Кина и Иран, Бајден изјави дека многу години се загрижени од тоа партнерство.
- Воен удар во Мјанмар -
Тензиите во Мјанмар ескалираа поради тврдењата дека на изборите на 8 ноември 2020 година се направени манипулации. Генералштабот на 28 јануари ја повика Владата да ги разјасни обвинувањата за манипулација на изборите.
Армијата на Мјанмар ја презеде власта на 1 февруари и прогласи воена состојба во траење од една година. Беа притворени претседателот Вин Минт, челничката на земјата, Су Чу, како и останатите водечки членови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД).
Во следните денови, Армијата на Мјанмар изврши рација во партиските штабови на владејачката партија Национална лига за демократија (НЛД), запленувајќи компјутери и документи.
Луѓето во Мјанмар започнаа демонстрации на 6 февруари со барање да се врати демократијата. Над 400 демонстранти ги загубија своите животи во вооружената интервенција на безбедносните сили.
Додека продолжуваат демонстрациите, продолжува и судењето на приведените високи државни функционери пред Воениот суд.
Во саботата, како резултат на отворањето оган од страна на безбедносните сили врз невооружените демонстранти, 114 лица го загубија својот живот.