Servet Günerigök
04 Март 2022•Ажурирај: 04 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) ‒ Американскиот сенатор Линдзи Грахам вчера повика на атентат врз рускиот претседател Владимир Путин поради руската војна во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Дали има некој Брут во Русија? Има ли поуспешен полковник Штауфенберг во руската војска? Единствениот начин ова да се заврши е некој во Русија да го „отстрани“ овој човек. Тој на својата земја и на светот би им направил огромна услуга“, напиша Грахам на Твитер, по разговорот за „Фокс њуз“ (Fox News).
Клаус фон Штауфенберг беше германски воен офицер кој се обиде да го убие Адолф Хитлер во јули 1944 година.
Републиканскиот сенатор од Јужна Каролина апелира до рускиот народ да преземе акција.
„Единствените луѓе кои можат ова да го поправат е рускиот народ. Лесно да се каже, тешко да се направи. Ако не сакате да живеете во темнина до крајот на животот и да бидете изолирани од остатокот од светот во ужасна сиромаштија, мора да преземете акција“, напиша тој.
Војната на Русија врз Украина, која започна на 24 февруари, се сретна со меѓународна осуда, а Европската Унија, САД, и Велика Британија воведоа строги финансиски санкции на Москва.
Според бројките на ОН, 227 загинале, а 525 се повредени во Украина од почетокот на војната. Украинските власти, сепак, велат дека бројот на загинати е над 2.000.
Повеќе од 1 милион луѓе ја напуштиле Украина во соседните земји, според Агенцијата за бегалци на ОН.