Zehra Ulucak
24 Октомври 2018•Ажурирај: 25 Октомври 2018
ЛИМА (АА) - Холивудската актерка наградена со Оскар и амбасадорката на добра волја на УНХЦР, Анџелина Џоли, ги посети бегалците од Венецуела кои поради економската и политичката криза во нивната земја пронајдоа засолниште во Перу, јавува Anadolu Agency (AA).
Џоли, во рамките на тридневната посета на Лима, главниот град на Перу, се состана со претседателот на оваа земја, Мартин Вискара, со кого разговараше за потенцијалите за решавање на бегалската криза и обезбедување меѓународна помош на бегалците.
За време на разговорот, Џоли се заблагодари на Перу што како држава ги отворила вратите на бегалците и им помогнала да добијат правен статус во земјата.
Џоли потоа го посети бегалскиот камп во кој престојуваат бегалците од Венецуела.
Перу и Колумбија во август оваа година се договорија за заедничко дејствување по прашањето за бегалците кои од Венецуела пристигнуваат во овие две земји. По состанокот на претставниците на двете земји во Богота, договорено е заедничко дејствување, како и формирање заеднички бази на податоци за бегалците.
Според податоците на ОН, од 2014 година па досега, најмалку 2,3 милиони жители на Венецуела ја напуштија земјата. Колумбиските официјални претставници наведуваат дека поради кризата во земјата, Венецуела само во последните две години ја напуштиле повеќе од милион луѓе.