Safiye Karabacak
07 Март 2022•Ажурирај: 09 Март 2022
АДЕН (АА) - Холивудската актерка и специјална пратеничка на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите Нации (UNHCR) Анџелина Џоли го посети бегалскиот камп во Јемен, со цел да го насочи вниманието врз хуманитарната катастрофа во оваа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од UNHCR во Јемен неодамна е соопштено дека Џоли го посетила бегалскиот камп во градот Лахиџ и разговарала со раселените јеменски жени кои се борат да заработат за живот.
Соопштено е дека 35 семејства кои морале да ги напуштат своите домови и да се засолнат во други делови на градот за да избегаат од судирите во градот Лахиџ, се борат за опстанок и живеат во многу тешки услови.
Џоли вчера пристигна во посета на Јемен за да го насочи вниманието врз катастрофалните последици од судирот во оваа земја.
„Додека продолжуваме да сведочиме на бруталноста во Украина и повикуваме на прекин на судирот и испорака на хуманитарна помош, јас сум во Јемен да ги поддржам овие луѓе на кои очајно им е потребен мир“, напиша Џоли на социјалните мрежи.
Јемен е место на судири и насилство од 2014 година, кога бунтовничкото движење Хуси ја презема контролата врз поголемиот дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Конфликтот ескалираше година дена подоцна кога Саудиска Арабија и нејзините сојузници застанаа покрај Владата на Јемен и почнаа со воздушни напади врз позициите на бунтовниците.
Обединетите нации предупредуваат дека во Јемен се случува една од најголемите хуманитарни кризи во светот со милиони луѓе чии животи се загрозени поради глад и недостаток на основни услови за живот.