Gamze Türkoğlu Oğuz
19 Март 2019•Ажурирај: 20 Март 2019
АНКАРА (АА) - Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, изјави дека никогаш нема да го спомене името на лицето што го изврши терористичкиот напад врз две џамии во градот Крајстчрч, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според „Би-би-си“ (BBC), Ардерн, во својот говор во Парламентот, изјави: „Со овој терористички напад се обиде да направи многу работи, една од нив беше и лоша слава. Поради тоа, никогаш нема да слушнете да го споменам неговото име.“
Ардерн, барајќи од пратениците, наместо името на терористот да ги споменуваат имињата на лицата убиени при терористичкиот напад, додаде: „Тој е еден терорист. Еден криминалец. Екстремист. Кога ќе зборувам за него, нема да го споменувам неговото име.“
Ардерн истакна дека контактирале со Фејсбук, и дека се информирани за напорите за отстранување на видеото од терористичкиот напад. Таа, исто така го изрази и разочарувањето што видеото сѐ уште постои на интернет. Премиерката на Нов Зеланд нагласи дека платформите каде што се емитува видеото, „не се поштари, туку медиуми“, и затоа треба да се однесуваат одговорно.
Џасинда Ардерн рече дека во Нов Зеланд, измените на Законот за оружје ќе бидат објавени во рок од 10 дена и дека се спроведува истрага околу неуспехот на разузнавачките и безбедносните агенции да го детектираат ризикот од терористички напад.
Премиерката на Нов Зеланд во Парламентот се сретна со лидерите на муслиманската заедница. Внимание привлече тоа што нив ги поздрави со зборовите „селамун алејкум“.
- Во Крајстчрч животот се нормализира -
Во меѓувреме, во Крајстчрч животот се врати во нормала, а улиците во близина на болницата каде што се лекуваат повредените, беа отворени за сообраќај по четири дена.
Синоќа, повеќе од 1.000 ученици од различни училишта и области се собраа во паркот спроти џамијата „Нур“. Учениците, кои во паркот се собраа на зајдисонце, запалија свеќи за жртвите и отпеаја традиционална маорска песна.
Во градот Крајстчрч, Нов Зеланд, за време на петочната молитва, 50 лица беа убиени во терористички напади врз две џамии. Нападите беа изведени во временски интервал од 10 минути.