Демократските конгресмени од САД, кои учествуваат на Конференцијата на ОН за климатски промени КОП31 во Турција, ветија дека ќе ја обноват меѓународната климатска лидерска улога на Вашингтон и ќе ја вратат довербата на глобалните партнери, признавајќи дека честите промени на политиките во времето на претседателот Доналд Трамп сериозно го нарушиле кредибилитетот на земјата, јавува Анадолу.
Во разговор за Анадолу вчера, за време на прес-конференција, демократската конгресменка Јасамин Ансари од Аризона изјави дека пратениците ќе ја интензивираат соработката со меѓународните партнери во следните две години, но истовремено призна дека целосното враќање на САД во улогата на климатски лидер ќе бара промена на администрацијата во Вашингтон.
„Целосно разбирам дека ја изгубивме довербата на меѓународната заедница кога станува збор за климата“, рече Ансари во втората седмица од самитот, осврнувајќи се на одлуката на Трамп по вторпат да ги повлече САД од Парискиот договор.
Конференцијата на ОН за климата, што започна на 9 ноември во медитеранскиот град Анталија, собра претставници на речиси 200 земји за преговори за климатското финансирање, транзицијата од фосилните горива и приспособувањето кон растот на глобалните температури.
Федералната влада на САД не учествува во преговорите, а на КОП31 присуствува 18-члена делегација на демократски конгресмени во својство на набљудувачи.
„Она што им го пренесовме на нашите меѓународни партнери овде е дека Америка не само што се врати, туку целосно сме посветени“, изјави еден од демократските конгресмени, тврдејќи дека политиките на Трамп не ги одразуваат ставовите на американската јавност, бизнис-заедницата и локалните заедници.
Конгресменот изрази надеж дека членовите на Конгресот на идните климатски конференции ќе се вратат како официјална делегација, а не како набљудувачи.
„Соединетите Американски Држави навистина официјално повторно ќе бидат дел од преговарачкиот процес на некоја од идните конференции КОП“, рече тој.
Ансари за Анадолу изјави дека демократите имаат намера да ја покажат својата посветеност преку поинтензивна соработка со меѓународните партнери, вклучително и со поголемо присуство на конгресмени на КОП32, што следната година ќе се одржи во Адис Абеба, Етиопија.
„Следната година имаме намера да се вратиме со што е можно поголем број наши претставници за да им покажеме на меѓународната заедница и на учесниците на КОП32 во Адис дека сме посветени на климатските активности“, рече таа.
„Демократите остварија историска победа на средномандатните избори. Во следниот состав на Конгресот ќе имаме 260 места во Претставничкиот дом и 56 места во Сенатот. Ќе имаме вистинска можност да почнеме да го трасираме патот за повторно приклучување кон Парискиот договор“, додаде таа.
Ансари рече дека демократите во следните две години ќе работат на поништување на последиците од климатските политики на администрацијата на Трамп, вклучително и преку обновување на домашните инвестиции во чиста енергија и повторно градење на меѓународните партнерства.
Сепак, таа призна дека позначајното враќање на САД во улогата на меѓународен климатски лидер ќе зависи од доаѓањето на демократски претседател и администрација на власт во 2029 година.
„Ќе треба да почекаме до 2029 година, кога демократски претседател и демократска администрација ќе дојдат на власт, за да можеме повторно да се вклучиме со полн капацитет“, рече таа.
Ансари ги призна и последиците од променливите климатски политики на Вашингтон врз меѓународните партнери, наведувајќи дека неизвесноста предизвикала „сериозна штета“ врз глобалната доверба.
„Ќе направиме сè што е во наша моќ за да ја обновиме таа доверба“, рече таа.
За време на тридневната посета, демократските конгресмени се сретнаа со меѓународни претставници задолжени за креирање политики, деловни лидери, претставници на граѓанското општество и климатски експерти за да ги разгледаат можностите за обновување на ангажманот на САД во климатските активности.
Ансари рече дека средбите имале цел да ја покажат континуираната посветеност на демократите на меѓународната климатска соработка.
Таа ја истакна и важноста од поддршката за ранливите земји, особено малите островски земји во развој и африканските држави, преку иницијативи како што е Африканската иницијатива за приспособување.
- Конгресмен од Илиноис повика на завршување на војната во Иран и укинување на царините за намалување на трошоците за енергија
Демократскиот конгресмен Шон Кастен од Илиноис го поврза меѓународното климатско финансирање со пошироките економски и геополитички предизвици, оценувајќи дека намалувањето на глобалните економски притисоци може да ослободи средства за транзицијата кон чиста енергија.
„Запрете го финансирањето на војната во Иран и укинете ги царините. Одеднаш, не само што ќе се намалат трошоците за Американците, туку ќе се намалат и трошоците насекаде во светот“, рече тој.
Кастен ја истакна и улогата на мултилатералните развојни банки во надминувањето на недостигот од финансирање, кој ги спречува земјите да добијат пристап до чиста енергија по прифатливи цени.
Тој го повика Вашингтон повторно да ја потврди својата посветеност на мултилатералните институции и да обезбеди развојното финансирање да им помогне на земјите да ги преточат своите амбиции за чиста енергија во конкретни активности.
„Цврсто стоиме зад потрошувачите на енергија кои сакаат поевтина енергија, која истовремено е и енергија со ниски јаглеродни емисии“, рече тој, нагласувајќи дека пристапот до капитал е од суштинско значење за забрзување на глобалната енергетска транзиција.
- Центри за податоци и транзиција од фосилните горива
Конгресмените предупредија и дека брзото ширење на центрите за податоци, делумно поттикнато од зголемената побарувачка за вештачка интелигенција, не треба да доведе до повисоки сметки за електрична енергија за домаќинствата.
Повикувајќи се на предложениот Закон за заштита (SHIELD Act), тие оценија дека технолошките компании и инвеститорите во вакви проекти треба да ги покријат трошоците за новата инфраструктура и да обезбедат објектите да работат со чиста енергија.
„Просечниот американски потрошувач не треба да ги сноси трошоците за ова масовно проширување на центрите за податоци“, порачаа тие.
Конгресмените ја поддржаа и транзицијата од фосилните горива, повикувајќи се на климатските ризици и потребата од енергетска достапност.
Еден конгресмен изнесе став дека фосилните горива треба постепено да се укинат, бидејќи тие се „најскапиот вид енергија“.