Erbil Başay
16 Јануари 2021•Ажурирај: 18 Јануари 2021
БЕРЛИН - Армин Лашет е избран за нов лидер на Христијанско-демократската унија на Германија (ЦДУ), партијата на канцеларката Ангела Меркел во Германија, известува Агенција Анадолија (АА).
На 33-то Генерално собрание, кое поради пандемијата на новиот тип коронавирус (Ковид-19) ЦДУ го организираше во дигитална средина, за нов претседател на владејачката партија се натпреваруваа Армин Лашет, премиер на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Фридрих Мерц, поранешен пратеник, и Норберт Ретген, претседател на Комисијата за надворешни работи на Федералниот парламент (Бундестаг).
Во првиот круг од изборот, Мерц доби 385 гласа од 992 валидни гласови. Лашет ја доби довербата на 380 делегати, Ретген освои 224 гласа, а тројца делегати беа воздржани.
Бидејќи никој од кандидатите не освои повеќе од половина од гласовите на делегатите, што беше потребно за победа, беше преминато во втор круг од изборот.
Во вториот круг, во кој се натпреваруваа двајцата кандидати со најголем број гласови освоени во првиот круг, Лашет стана новиот претседател на ЦДУ, добивајќи ја довербата на 521 делегат од вкупно 991 важечко ливче, за разлика од Мерц кој освои 466 гласа. Четири делегати беа воздржани.
На тој начин, Армин Лашет стана 9-ти претседател на ЦДУ.
Делегатите мора да го потврдат ова и со писмо за да може законски да се регистрира изборот, кој поради пандемијата на коронавирусот беше организиран во дигитална средина.
- Армин Лашет
Роден во Ахен, во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија во 1961 година, Армин Лашет студирал право на универзитетите во Минхен и во Бон во периодот од 1981 до 1987 година, а во периодот 1987-1988 година студирал новинарство.
Лашет работел како хонорарен новинар во Баварија до 1994 година, а во исто време бил советник на тогашната претседателка на Бундестагот, Рита Зисмут. Во периодот од 1994 до 1998 е член на Бундестагот, а од 1999 до 2005 година е член во Европскиот парламент.
Лашет го презеде Министерството за семејство, жени и интеграција во Северна Рајна-Вестфалија во периодот од 2005 до 2010 година. Лашет во рамките на оваа должност воспостави блиски односи со Турците што живеат во покраината, придонесувајќи за турско-германското пријателство.
Лашет, татко на три деца, е избран за премиер на најгусто населената германска покраина Северна Рајна-Вестфалија, со население од околу 18 милиони жители, во 2017 година.