Tufan Aktaş
18 Февруари 2022•Ажурирај: 21 Февруари 2022
ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Масаите, едно од најстарите племиња во Африка, покренаа петиција против планот за евакуација подготвен од страна на Владата на Танзанија за проширување на заштитената област Нгоронгоро каде што живеат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Петицијата започна на Avaaz.org од Масаите во Нгоронгоро, на северот на земјата. Собрани се 2,3 милиони потписи за три дена.
Во повикот за кампањата за потпис се наведува дека десетици илјади Масаи може да бидат протерани од нивните домови заради туризам и лов, а од претседателот Самиа Сулуху Хасан беше побарано да се откаже од сегашниот план на Владата.
Исто така, се додава дека Хасан е во Европа на Самитот на Европската Унија и Африканската Унија, но можно е планот да се запре со притисок од медиумите и јавноста.
Во 2019 година, Владата на Танзанија соопшти дека ќе ја прошири заштитената област Нгоронгоро, каде што полуномадските сточари Масаи живеат заедно со дивите животни.
Владата тврди дека зголемувањето на човечката популација во регионот негативно влијае на природата.
Од друга страна, Масаите тврдат дека тие ја штитат природата со векови.
Се наведува дека околу 80.000 Масаи ќе бидат погодени од планот за евакуација.